Продолжува судењето за убиствата на Вања и Панче
Во скопскиот Кривичен суд денеска продолжува судењето за двојното убиство на малолетната Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски во кои обвинетите Љупчо Палевски-Палчо, Велибор Манев, Боре Видевски, Влатко Кешишов и Александар Ѓорќевски се изјаснија за невини. Денеска треба да сведочи мајката на Вања, која побара јавноста да биде исклучена од овој случај, но судот тоа не го прифати.
Второто рочиште што требаше да се одржи на 7 октомври, беше одложено бидејќи Боре Видевски, еден од обвинетите има здравствени проблеми со бубрезите и неколку дена беше лекуван на Клиниката за нефрологија. Според затворските власти, обвинетиот Видевски е во добра здравствена состојба.
Судот продолжува со расправата, а случајот го води судијата Ивица Стефановски.
14-годишната Вања беше пријавена за исчезната на 27 ноември, а велешанецот Панче на 24 ноември. Нивните тела беа пронајдени на 3 декември. Во врска со двата случаи, осомничени се пет лица. По распишувањето на меѓународна потерница, првоосомничениот Палевски на 5 декември беше уапсен во Баликесир-Турција, а на македонско тло беше екстрадиран во мај годинава.