Продолжи полемиката меѓу Вучиќ и КФОР дали Србија знаела за акцијата на косовската полиција
По вчерашната медиумска полемика и обвинувања меѓу Меѓународните сили во Косово (КФОР) и српскиот претседател Александар Вучиќ, за тоа дали Србија била информирана или не за акцијата на косовската полиција во вторникот, денеска повторно со изјава се јави портпаролот на КФОР, Винченцо Грасо, кој изјави дека „сите знаеле за акцијата, бидејќи пред десет дена во српските медиуми била објавена веста“ и изјави кои ја најавиле намерата дека „во Косово ќе се апсат 26 полицајци“.
– Кој и да ја прочитал таа вест, бил информиран, изјави Грасо за белградска „Политика“, на веста дека Вучиќ ја демантирал изјавата на КФОР за тоа дека властите во Белград пред време биле информирани за акцијата.
Тој оцени дека во вторникот немало активности насочени против Србите, туку дека се „работи за легитимни полициски единици кои спроведоа операција, што резултираше со апсење на цивили и полицајци од различни националности“.
– Значи немаше меѓуетнички судир, изјави Грасо.
Тој ги повика сите да се воздржат од потпалувачка реторика и провокации, не само политичарите, и не само Србите.
– Во вторникот, за време на целата операција, имавме добра комуникација со сите релевантни локални и меѓународни институции, вклучувајќи ја и Војската на Србија, рече Грасо, по повод изјавата на Вучиќ дека не одговарал на повиците од Белград.
Вучиќ денеска реагираше на оваа изјава на КФОР, изјавувајќи дека објавувањето на тоа што ќе се случи во северно Косово медиумите го претставиле како негово предупредување, што не значи дека некој го запознал со ситуацијата или дека нешто знаел, туку дека тој се самиот открил.
– Ја предупредив и меѓународната заедница и нашиот народ дека тоа ќе се случи. Се разбира дека тоа ќе се објави во печатот. Но, тоа не значи дека тие не запознале со состојбата и дека сме информирани, туку дека претседателот Вучиќ открил сè, изјави Вучиќ за ТВ Пинк.
Според него, по изјавата на портпаролот на КФОР, „се е јасно“.
– Како претседател на Републиката, предупредив на сценариото во Косово, а оној што требаше да го спречи, не го стори тоа, затоа што се правеа дека не знаат оти ова нема никаква суштинска поврзаност со корупцијата и криминалот, нагласи Вучиќ.