Продолжи остриот пад на глобалните пазари: Макрон повика Французите да ги паузираат инвестициите во САД


Глобалните пазари сè уште се во силен пад откако американскиот претседател Доналд Трамп воведе целосни царини за увоз од повеќе од 180 земји кои се движат од 10 до 50 проценти.

Тој пад се интензивираше откако Кина одговори на САД со воведување царини од 34 отсто за американските стоки. Кинеските царини за американските производи ќе се применуваат од 10 април, а тоа дополнително ја ескалира трговската војна меѓу двете најголеми светски економии. Трговската војна не ја заобиколи ниту Европа, чии земји најавија реакција на одлуката на Трамп.

Една од последиците на одлуката на Трамп на Стариот континент е дека падот на водечкиот германски индекс DAX се забрза. Имено, DAX падна за 1.000 поени (пет отсто), односно на 20.590 поени, што е дневниот минимум. Значителен пад имаа и шпанскиот берзански индекс IBEX35 и францускиот берзански индекс CAC 40.

Германскиот министер за економија во техничкиот мандат Роберт Хабек смета дека Трамп, како што наведе, би потклекнал под притисок доколку Европа била обединета во одговорот на американските царини. Францускиот претседател Емануел Макрон ги повика сите француски компании да ги паузираат планираните инвестиции во САД, пренесува Euronews.