Продолжени лиценците, овластувањата и дозволите за градежните и погребалните фирми
Продолжено е времетрањето на истечените лиценци и овластувањата за градежниот сектор, како и на дозволите за управување со гробишта и за вршење погребални услуги, во тек на вонредната состојба и 60 дена по нејзино завршување.
За компаниите што работат во градежниот сектор, како што информира денеска ресорниот министер Сугарески, се донесени три уредби со законска сила со коишто се олеснува работата на фирмите во услови на времетраење на вонредната состојба.
Првата Уредба од Владата, соопшти Сугарески, се однесува на примена на Законот за градење и се однесува на лиценците и овластувањата. Во тек на вонредната состојба и 60 дена од нејзиното престанување се продолжува времетраењето на лиценците за проектирање на градби од прва и втора категорија, за ревизија на проектна документација за градби од прва и втора категорија, за изведувач на градби од прва и втора категорија, за надзор на изградба на градби од прва и втора категорија, за управител на градба, за управител на одржување на објекти од прва и втора категорија. Продолжувањето се однесува и на овластувањата за изработка на проектна документација за градби од прва и втора категорија, за ревизија на проектна документација за градби прва и втора категорија, како и за овластувањето за инженер за изведба на градби од прва и втора категорија и за надзорен инженер за прва и втора категорија чиј рок на важење е истечен.
Донесена е Уредба со законска сила и за Законот за просторно планирање. Со неа, исто така, се предвидува – лиценците за изработување на урбанистичките планови, за ревизија на урбанистичките планови, како и овластувањата за изработка и за ревизија на урбанистички планови, чиј рок на важност е истечен, да се продолжат за времетраење на вонредната состојба, како и 60 дена од денот на престанокот на вонредната состојба.
Со Уредба, пак, за Законот за гробишта и погребални услуги, се регулира важноста на дозволата за управување со гробишта и дозволата за вршење на погребални услуги чиј рок на важење е истечен. И за овие дозволи кои се веќе истечени важноста се продолжува на траење на вонредната состојба, како и 60 дена од денот на престанокот на вонредната состојба.
Според Сугарески, Министерството за транспорт и врски и Јавното претпријатие за државни патишта редовно ги исполнуваат сите обврски кон добавувачите за инфраструктурните проекти што се реализираат на терен. Целта, како што вели, е во периодот на кризата, да нема застој на капиталните инвестици.
-Министерството за транспорт и врски, сите времени ситуации, завршни ситуации, сите обврски кои ги има кон добавувачите ги исполнува апсолутно и на дневна основа, тоа може да се провери и да се види. Од она што сум информиран истото го прави на редовна основа и Јавното претпријатие за државни патишта. Целта е што повеќе во периодот на оваа криза да течат капиталните инвестиции и да нема застој за да има одржливост на економијата, рече Сугарески, одговарајќи на новинарско прашање