Проблемот со загадувањето не се решава во година, две – се преземаат сите мерки


Фото: Б.Б.

Зимата наближува, а греењето е дополнителен проблем кој придонесува воздухот, особено во поголемите градови да биде загаден. Вчера беше објавено дека Скопје е седми загаден град во светот, но министерката за животна средина Каја Шукова вели дека преземаат мерки за намалување на загадувањето. 

– Постојано преземаме мерки (за аерозагадувањето) во рамките на оние надлежности коишто ги имаме. Сега почнуваме нов проект, којшто ќе ги опфати Скопје, Куманово, Тетово и Битола, четирите позагадени градови. Имаме мерки за замена на нееколошки системи за греење со еколошки системи за затоплување, некаде околу 5,5 милиони евра иако станува збор за четири општини, сепак е голема сума. Ќе набавиме еколошки автобуси за Град Скопје во рамките на истиот проект, мислам дека се пет или шест и ќе одиме повторно со зазеленување. Нови зелени површини во овие четири општини“, вели министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова.

Апелира општините во рамките на буџетите за 2024 година да предвидат мерки со кои ќе ги субвенционираат граѓаните особено домаќинствата во замена на нееколошки со еколошки системи. За истото размислува и министерството, преку активен проект финансиран од ЕУ.

Апелира и до граѓаните да не се гори отпад, да не се горат отпадни масла, да не се горат паркети бидејќи знаеме дека имаат бои и лакови.

-Сите по малку ќе добиете едно цело, вели Шукова, која смета дека во ниедна европска метропола не се решил проблемот со загадувањето во една година.

Има многу јавни објекти во државата кои имаат нееколошки системи за затоплување, но државата и таму интервенира.

– Неколку години по ред има активен проект на Светска банка, преку Министерството за финансии, кадешто општините аплицираат за енергетска ефикасност за замена на системи за затоплување, за да се намали потрошувачката на енергенсот, кога ќе се сменат вратите и прозорците, вие трошите помалку електрична енергија – вели Шукова.

Но, точна бројка за тоа колку институции и колку се сменил начинот за греење не знаеше да каже и не се согласува дека општините само аплицираат, а ништо не се менува.

Наброја дека се смени системот на греење во гинекологија Чаир, кој беше на мазуот, но и многу градинки, училишта, домови на култура, болници…

Смета дека дрвото како средство за огрев е подобро ако се гори суво. Поголемо загадување прават влажните дрва, па повика граѓаните да се вратат на старите навики дрвата за огрев да ги купуваат на пролет или на лето, за да има време до зимата да се исушат. Вели дека проблемот се јавува и поради тоа што се крадат дрва, а се купуваат и крадени дрва, каде државата не може да има контрола какво дрво за огрев се користи.

– Ако горите дрва, тогаш горете само дрва и тоа суви – вели Шукова.

Надлежноста за дрвата за огрев е кај Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Во однос на мерните станици вели дека за тие што имале резервни делови ги замениле и се во функција. Мерната станица кај Ректорат е подолго време вон функција, па нема ни резервни делови за неа, а министерството е во процес на набавка.