Проблематичниот ученик од ООУ „Лазо Ангеловски“ онлајн – останатите во училишните клупи
Проблематичниот ученик од трето одделение од ОУ „Лазо Ангеловски“ во скопската Општина Аеродром ќе следи онлајн настава до крајот на првото полугодие. Во меѓувреме надлежните образовни и социјални органи ќе извршат соодветна проценка за заштита на детето и останатите деца во одделението. Бојкотот на наставата во ОУ „Лазо Ангеловски“ е прекинат и децата од вторник се враќаат во училишните клупи, потврдија од Советот на родители.
Учениците од ова основно училиште пред два дена почнаа со бојкотот откако проблематичниот ученик, по неуспехот да се префрли во ОУ „11 Октомври“ (каде што исто така протестираа родителите на учениците од ова училиште), беше вратен во ОУ „Лазо Ангеловски“. Родителите од одделението на ова дете уште лани бараа да се најде решение за проблематичниот.
Денеска во училиштето бил присутен тим составен од Центарот за социјални работи за разрешување и следење на состојбата со актуелниот проблем со третоодделенецот којшто имал насилно поведение.
Родителите бараа детето да не биде физички присутно во училиштето. Тие барања, со решението за онлајн настава, се прифатени.
Весна Јаневска, министерката за образование и наука денеска побара на надлежните институции да им се дадат неколку дена за да го решат случајот со третоодделенецот од ОУ „Лазо Ангеловски“ во Скопје апелирајќи да не се продолжи со стигматизација на ученикот во јавноста.