(Видео) Приведени десетина вработени во УЈП за примање поткуп поврзан со дискотеката „Пулс“

Во денешната акција наводно уапсен е и Драган Паунов, вработен во УЈП Штип. Паунов е брат на в.д. претседателката на Кривичниот суд, Даниела Димовска


Фото: Б. Грданоски

 

Десетина вработени во Управата за јавни приходи, приведени се денеска, а во моментот се вршат претреси на локации поврзани со овие лица, информира обвинителот Љупчо Коцевски.

„Се водеше предистражна постапка за лица коишто беа вработени во УЈП, а се водеше истрага за лица коишто беа поврзани со кочанскиот предмет“, рече Коцевски во изјава за новинарите.

Дејствијата биле преземени по налог на јавен обвинител. 

„Денеска се приведени околу десетина лица и се вршат претреси на одредени локации. Се работи за лица вработени во Управата за јавни приходи, за злоупотреба на службена положба и примање мито“, рече Коцевски, без да прецизира на кои позиции работеле тие во УЈП.

Според повеќе извори, во денешната акција на кочанското обвинителство и МВР уапсен е Драган Паунов, вработен во УЈП Штип. Паунов е брат на в.д. претседателката на Кривичниот суд – Скопје, Даниела Димовска, а истрагата покажала дека тој бил во постојан контакт со синот на газдата на дискотеката „Пулс“, Дејан Јованов – Деко. Комуникацијата меѓу нив е дел од доказниот материјал.

Името на вработениот во УЈП осамна во сторијата на ИРЛ, кога беа објавени пораки помеѓу Михајло Јованов и инспектори од УЈП, ДПИ и полицијата. Се посочуваат дојави до дискотеката пред инспекциски контроли, сомнежи за поткуп низ подароци и информации дека полициски инспектори биле редовни гости иако локалот работел без исполнети услови.

Прашан дали приведните имале комуникации со сопственикот на дискотеката „Пулс“, а дел од тие комуникации беа презентирани во јавноста, Коцевски рече дека дел од тие пораки се дадени во судот.

Овој предмет не може да се спојува со веќе почнатиот за случајот Кочани, затоа што овде не e поврзаноста со штетната последица смрт. Ова се дела за злоупотреба на службената должност, давање и примање поткуп, што нема врска со другиот кривичен настан, прецизира Коцевски.

Детали за ова Коцевски најави во текот на денот.