Приватните превозници во Скопје од понеделник ќе возат само од 5 до 10 часот поради неисплатен долг од ЈСП
Вчера им биле исплатени по 300 илјади денари, а пред пет недели по 10 милиони денари за долгот од март

До понеделник 6 октомври 2025 година доколку не биде исплатен долгот кон приватните превозници во Град Скопје, нивниот возен ред ќе биде намален за 70 проценти. Тие ќе возат само прва смена од 5 до 10 часот, соопшти денеска опственикот на „Јофи Бус“, Јовица Зафировски.
– Приватните превозници „Јофи Бус“, „Вестор Транс“, „Радос Компани“ кои сообраќаат во Скопје денеска побараа од ЈСП да им биде исплатен вкупниот долг од 170 милиони денари, од кој, како што изјавија, во моментов се доспеани 90 милиони денари.
– Долгот кон нас не е подмирен од април, односно од пред шест месеци. Ако вработените на ЈСП можат да издржат без плата шест месеци ние не можеме. Денеска имавме план да прекинеме со возење, но сакаме да бидеме коректни кон граѓаните на Скопје и ќе чекаме до понеделник. Доколку ни се уплатат средства ние сакаме да работиме и ќе продолжиме да возиме. Ни треба уплата веднаш од ЈСП – истакна Зафировски.
Доколку не се исплатат парите до понеделник, приватниците рекоа дека ќе се редуцира возењето, односно трите компании ќе возат само прва смена со 30 проценти капацитет, сè до исплатата на долгот.
Директорот на ЈСП „Скопје“ Драги Кушовски, кој се придружи на прес-конференцијата на приватните превозници, рече дека е позната состојбата во која се наоѓа ЈСП и дека тоа не е никакво оправдување, но нагласи дека кон приватните превозници се исплаќаат долговите согласно нивните можности.
– Од како сум јас директор, долгот се намалува и не е тој што беше кажан од приватните превозници. Треба да се престане со манипулација на граѓаните и дека ЈСП располага со возниот парк кој што располага и ги пушта сите автобуси што ги има. Недостаток на автобуси знаеме дека има, а ние да пуштаме наши автобуси да бидат полни за да се штедат приватните автобуси за да не се амортизираат, тоа не е дозволиво. Треба да бидат коректни кон граѓаните, а не да се влечат позади автобусите на ЈСП. Долгот кон сите тројца приватни превозници е околу 60 милиони денари – истакна Кушовски.
На ова реагираа приватните превозници дека долгот е поголем поради што настана надвикување која информација е точна. И двете страни бараа да се покажат уплатите, но се остана само на зборови. Директорот на ЈСП ги праша дали имале средба и дали се договориле дека исплатата ќе се врши според можностите на ЈСП, приватниците потврдија, но рекоа дека не им е исплатена сумата, односно им е исплатен само мал дел од долгот. Вчера им биле исплатени по 300 илјади денари, а пред пет недели по 10 милиони денари за долгот од март. Превозниците на директорот му посочија дека не можат да ги покријат долговите кон бензинските пумпи и дека веќе им се најавени извршители.