Приватен институт регистриран во кладилница


Весна Јаневска (Фото: Б. Богдановска)

 

Министерката за образование, Весна Јаневска, денеска изјави дека еден од приватните институти што беа затворени бил регистриран во кладилница и тоа бил најбруталниот пример меѓу оние 14 што ја загубија дозволата за работа.

„Комисијата од МОН отиде да направи увид на еден институт. Тој беше регистриран во кладилница, во задната просторија на обложувалница, каде што институтот требаше да ги обавува своите функции на две столчиња и два душека и тој беше веднаш затворен. Беа вработени двајца луѓе и беше прекршен законот, инаку не ќе можевме да го затвориме“, рече таа.

Јаневска најави дека сите издржани забелешки за законот за високо образование коишто ќе бидат дадени на новиот закон за високо образование ќе бидат земени предвид, ќе биде затворен и пуштен во владина процедура. Таа смета дека со него ќе се воспостави ред во високото образование и ќе се остранат сите нерегуларности.

За некои од забелешките Јаневска лично не се согласувала, но комисијата одлучила дека треба и ги прифатиле. „Доколку до понеделник има разумно образложени какви било забелешки, до понеделник вечер ќе може да се направи некоја дополнителна измена“, рече министерката.

Таа додаде дека високообразовните установи во прв период после стапување на сила на законот можат да си ангажираат луѓе кои исполнуваат услови кои ќе бидат вработени, на еден институт, а дополнително ќе работат кај нив, а потоа полека да ги обезбедат кадрот.