Притворениот македонски дипломат во Србија ставен во екстрадиционен притвор, МНР вели бил на приватно патување


Фото: Б. Грданоски

Министерството за надворешни работи потврди попладнево дека вработен во министерството бил притворен во соседна Србија, но не ја кажуваат причината за овој случај, за кој веќе известија медиумите. Но, додаваат дека за него бил одреден екстрадиционен притвор, што само по себе претставува голем скандал. 

Од МНР за Независен велат дека е ставен во мирување работниот однос на притворениот вработен, сѐ додека случајот не биде разрешен.

„Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија потврдува дека еден вработен во Министерството, кој во моментов е упатен во нашата Мисија во ОБСЕ во Виена, е притворен во Република Србија на 27.08.2021, за што Министерството за надворешни работи на Република Србија официјално ја има известено Амбасадата на Северна Македонија во Белград. Според известувањето, надлежниот суд во Србија определил екстрадиционен притвор по основа на меѓународна потерница за дело за кое се товари дека го сторил за време на негово приватно патување во странство.
Министерството за надворешни работи, согласно законските надлежности го стави во мирување работниот однос со притворениот вработен, сѐ додека случајот не биде разрешен“, се вели во одговорот од МНР до Независен.

Како што претходно информиравме, минатата недела на граничниот премин Прешево, на пат од Виена кон Македонија, полициската служба на Србија го задржала македонскиот дипломатски службеник Миле Миленкоски, кој од неодамна извршува дипломатска служба во македонската мисија на ОБСЕ во главниот град на Австрија. Тој потоа бил префрлен во Врање, каде пред неколку дена бил приведен и македонскиот дипломатски службеник С.С., кој дошол да се интересира за својот колега.

МКД.мк пишува ддека Србија практично постапила по барање на Ерменија која води постапка за случај од пред три години кога тројца наши дипломати, меѓу кои двајцата сега приведени, биле во таа земја, од каде отпатувале со приватен авионски лет, а во авионот се наоѓал и еден висок претставник на претходната ерменска власт гонет за проневера на големи суми пари.

Името на Миле Миленкоски кој со автомобил од Виена патувал за Скопје, се појавило во регистерот на барани лица преку Интерпол. Миле Миленкоски е осомничен дека го организирал патувањето во Ереван заради евакуација на високата ерменска личност, осомничена во неговата земја за злоупотреба на милиони евра. Мотивите на оваа акција не се познати, но сомнежите се дека таа е направена со знаење на високите безбедносни структури во Македонија.

 

На иста тема:

Двајца македонски дипломати приведени во Србија, МНР молчи