(ВИДЕО) Притисоци кон револтираните граѓани во Кочани, приведување новинари, ад хок забрани…


По девет месеци „меден месец“, Владата  како да падна во искушение да го решава проблемот во кој што се најде по трагедијата во Кочани преку вршење притисоци врз граѓаните и новинарите. Здружението на новинарите доцна синоќа реагираше на приведувањето на информативен разговор на медиумски екипи само затоа што снимале со дрон митинг, нешто што се прави одамна во Македонија и никому не му пречеше. Да биде бруката поголема, на удар се најде и екипата на Ројтерс од каде изјавија дека „вакво нешто не им се случило никаде во свет“, а известувале и од Украина.

Самата забрана да се употребува дрон за вакви настани е мек облик на  репресија, по се изгледа испровоцирана од објавената снимка како се копаат гробови во Кочани и потребата да се спречи  иста сцена да не им се појави за време на масовниот погреб утре. 

На удар сепак не се само новинарите. Иако јавниот обвинител Њупчо Коцевски изјави пред камери дека нема основа да се испитуваат учесници на протестот во Кочани, вчера се појавија сведоштва на тамошни граѓани кои тврдеа дека се повикувани во полиција и врз нив се врши притисок како наводни организатори на насилни протести, бидејќи очигледно по замисла на МВР револтираните луѓе што изгубија деца не треба да протестираат, туку да тагуваат тивко – како што порачуваат на сите страни и низ сите форми изминатите денови. 

За каква политичка патологија се работи се виде и од фотографијата на распоредените хермелини во непосредна близина на синоќешниот протест во Скопје каде што 90 отсто од собраните беа млади, а власта очигледно се подготвила за евентуални физички пресметки. Најпанично е сепак што среде протест власта ги смени правилата за користење дронови и во исто време покрена кампања на социјалните мрежи за оцрнување на присутните на протестите во Скопје и Кочани, снимајќи, заокружувајќи и објавувајќи лица со опис „шарени“ и слични политички квалификации.  Методите многу заличеа на тие на Груевски некогаш и на Србија сега, од страна на тамошната власт и се практично по буквар како власт од нормална станува авторитарна. 

Подолу се видеата од Кочани каде што граѓанин и еден независен советник што го преживеал пожарот сведочат за притисоци од полицијата врз нив со обвиненија дека се организатори на насилни протести и со закани до тие што учествуваат.

Според другата изјава, по толку деца што им умреа нема да дозволат да им ги апсат тие што останаа, порачувајќи ако дојдат – ќе видат што е ескалација.