Пристигнува првата пратка вакцини од Србија
Од Министерството за здравство вчера за МИА информираа дека преку матичните лекари за вакцинирање се пријавени 12.652 лица.
Веб-страницата на која може да се пријават граѓаните за вакцинирање беше пуштена во функција пред четири дена. Освен на овој начин, пријавувањето за вакцинирање ќе може да се врши и преку матичните лекари преку системот „Мој термин“.
Според предвиденото од надлежните институции, во првата група за вакцинација се здравствените работници и лицата над 70 години.
Во последното деноноќие, како што беше соопштено вчера, беа направени 3.121 тестирања, и регистрирани нови 357 случаи на коронавирусот. Пет лица починаa, 122-ца оздравеa.
Вкупниот број КОВИД-дијагностицирани во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 96.872 лица, бројката на оздравени пациенти е 87.446, на починати е 2.976 лица, а бројот на активни случаи изнесува 6.450.
Најмногу активни случаи има во Скопје – 2.967, Кавадарци – 417, Охрид – 388, Прилеп – 295, Куманово – 246, Велес – 245, Тетово – 221. Во другите градови има помалку од 200.

Вкупниот број хоспитализирани во земјава е 579 пациенти. Во ковид-центрите во болниците низ земјава е пријавено дека се лекуваат вкупно 349 позитивни и суспектни на коронавирусот. Во Скопје се лекуваат 230.
Во болниците во државата има 461 слободен кревет.
Во ГОБ „8 Септември“ има вкупно 73 болни, а на Клиниката за инфективни болести лежат 77 пациенти, додека во Институтот за белодробни заболувања кај деца Козле има 16 пациенти. Голем дел од пациентите се на кислородна поддршка.