Пристигнаа уште 10.000 вакцини во Србија, ЕУ сака да ги блокира испораките надвор од Унијата


Јавниот јазик во Србија е страшен. Порано стручната јавност нешто значеше, но сега тоа не значи ништо. Јавниот јазик е она што ја дешифрира власта во оваа земја, но и опозицијата. На тоа лексичко ниво тие некако престануваат да се разликуваат
Српскиот претседател Александар Вучиќ објави дека утрово во Србија пристигнале уште 10.000 вакцини против коронавирус, додавајќи дека борбата за вакцините продолжува и дека светот денес е како Титаник, каде што „богатите се обидуваат да обезбедат чамци само за себе”.
 

„Сакам да ве известам дека примивме уште 10.000 нови вакцини утрово“, рече Вучиќ во видеообјавата на својот инстаграм-профил. Тој изјави дека борбата за секоја вакцина продолжува, со многу состаноци и тешки разговори.

„Ние сме жилав народ, ќе се бориме за опстанок, ќе се бориме за животот на Србија и ќе успееме во тоа. Ќе успееме и ќе победиме заедно“, изјави Вучиќ.

Претседателот на Србија не прецизираше за кои вакцини станува збор, ниту од каде се набавени.

Паралелно, Европската Унија се закани дека ќе го ограничи извозот на вакцини против коронавирусот на државите надвор од блокот, откако ја обвини компанијата Астра Зенека дека не дала задоволувачко објаснување за драстично намалување на количеството дози што ќе им го испорача на земјите членки.

Во јасниот показател на незадоволството на ЕУ, откако компанијата Фајзер претходно месецов исто така најави привремено намалување на испораките, комесарката за здравство на ЕУ Стела Киријакидес предложи фармацевтските компании да се примораат однапред да го регистрираат извозот на вакцините против ковид-19, за блокот да може да ги следи нивните активности.
 

„Сакаме јасност кога се во прашање трансакциите и целосна транспарентност околу прашањето на извозот на вакцини од ЕУ.Во иднина, сите компании кои произведуваат вакцини против ковид-19 во ЕУ ќе мора однапред да информираат доколку сакаат да извезуваат во трети држави. Ова нормално не се однесува на хуманитарните испораки. ЕУ ќе ги преземе сите активности неопходни за да ги заштити своите граѓани и нивните права“, кажа Киријакидес, отворајќи ја можноста за забрана.

Германскиот министер за здравство Јенс Шпан го поддржа предлогот на комесарката.

„Ние, како ЕУ, мора да бидеме во состојба да знаеме како се извезуваат вакцините од ЕУ. Само на тој начин можеме да знаеме дали договорите со произведувачите се испочитувани. Обврската за одобрување на извозот на вакцини на ниво на ЕУ има смисла“, кажа Шпан.

Астра Зенека, која ја разви својата вакцина во соработка со Универзитетот Оксфорд, соопшти во петокот дека нема да може да ги исполни договорените цели за снабдување на ЕУ до крајот на март. Еден функционер на ЕУ, кој бил вклучен во преговорите, кажа дека тоа значи намалување од 60 отсто на 31 милиони дози, што е огромен удар за блокот кој веќе се соочи со критики дека заостанува зад САД и Британија во кампањата за вакцинација. По неочекуваното соопштение во петокот, ЕУ побара од Астра Зенека да најде флексибилни начини да ги испорача дозите и ја повика компанијата да ги објави податоците за производство и дистрибуција на вакцините.

„Одговорите на компанијата досега не беа задоволувачки“, кажа Киријакидес по средбата со претставниците на Астра Зенека.Ројтерс пишува дека вчера станало јасно дека компанијата е соочена со проблеми во снабдувањето на пошироко ниво.

Од Астра Зенека не сакаа да ја коментираат темата на глобалното снабдување. Функционер на ЕУ кажа за Ројтерс дека на компанијата Астра Зенека однапред ѝ се платени 336 милиони евра кога ЕУ го склучила договорот во август за најмалку 300 милиони дози со опција од 100 дополнителни милиони, што беше првиот договор кој блокот го потпиша за купување вакцини против коронавирусот. Тоа беше откако Соединетите Американски Држави во мај обезбедија 300 милиони дози за 1,2 милијарди долари, а Британија, исто така во мај, обезбеди 100 милиони дози за 84 милиони фунти.

Британија досега дала преку 10 дози на 100 жители, додека спорд податоците на истражувачката компанија Ерфинити, Европската Унија дала две дози на 100 жители.

Договорите на ЕУ со произведувачите на вакцини се доверливи, но еден функционер кој учествувал во преговорите не ја отфрли можноста за казнување на Астра Зенека, имајќи го предвид кршењето на обврските од договорот. Изворот на Ројтерс, меѓутоа, не сакал да елаборира што би ги предизвикало казните“.

„Сè уште не сме дојдени до тоа“, кажал тој.