Пристигна втората пратка вакцини „Фајзер“ кои ни ги донира Србија
Министерот за здравство, Венко Филипче на граничниот премин „Табановце“ ја прими втората пратка 3.510 дози вакцини на производителот Фајзер кои се донација од вкупно 8 илјади дози од соседна Србија.
Филипче ја прими донацијата од неговиот српски колега Златибор Лончар. Тие двајцата ја претоварија пратката од автомобилот, со кој српските власти ги транспортирале вакцините до Табановце, во возило на македонското здравство.
Првата пратка од 4.680 дози вакцини Фајзер од Србија пристигна во нашата земја на 14 февруари. Со оваа втора пратка, Србија вкупно ѝ донираше на Македонија 8.190 дози.
Министерот Филипче истакна дека овие вакцини ќе бидат доволни за вакцинирање на здравствените работници кои се предвидени согласно планот за имунизација.
Министерот Лончар истакна дека денеска го исполнуваат она што го ветиле и го договорилие претседателот Александар Вучиќ и премиерот Зоран Заев.
„Исклучително ми е драго што сме во можност да им помогнеме на нашите соседи и пријатели. Од министерот разбрав дека вакцинацијата е почната, дека ќе продолжите понатаму. Она што посакуваме е и вие да биедете безбедни, вашите граѓани што помааку се разболуваат и кога вие ќе имате подобра ситуација, ќе имаме и сите ние и регионот. Тоа е нашата цел, ќе гледаме и понатаму да помагаме“, рече Лончар.
Филипче изјави дека овој чин на солидарност кој беше на иницијатива на Заев и Вучиќ сега се реализира и во втората фаза како што беше најавено. Со добиените вакцини е започнат кај нас процесот на имунизација на здравствените работници и тој, како што посочи Филипче, засега се одвива одлично, во еден пункт со шест места во Клиничкиот центар во Скопје. Досега се вакцинирани околу 1.300 здравствени работници со динамика од 250 – 300 на ден, која ќе продолжи и понатаму.
„Оваа количина вакцини ќе биде доволна да се вакцинираат сите здравствени работници во нашата земја кои се во приоритетната група за имунизација, а тоа се здравствените работници кои од почетокот на кризата работат со пациенти заболени од Ковид, рече Филипче заблагодарувајќи се уште еднаш за овој чин на пријателство и добрососедство.
На новинарско прашање српскиот министер за здравство изјави дека досега во Србија се набавени преку два милиони дози вакцини, и тоа од четири производители – Фајзер, Астра Зенека, Синофарм и Спутник. Досега се вакцинирани повеќе од милион лица, а дел се и ревакцинирани со втората доза.
„Наша цел е да вакцинираме преку 2,5 милиони луѓе и она што сакам да го порачам од нашите искуства е дека кога ќе се прими првата доза вакцина нема опуштање. Некои вакцини побзо создаваат антитела, некои поспоро, но мора да се води сметка и да се почитуваат мерките за заштита. Имаме еден број луѓе кои се заразуваат по првата доза бидејќи немаат доволно развиено антитела“, рече Лончар.
Во однос на сумата потрошена за набавка на вакцините, истакна дека договорите се доверливи на барање на компаниите, но рече дека сигурно не се евтини, и оти не станува збор за пари во моментов туку за тоа дека вакцини на пазарот нема.