Принудени да се борат против својот народ: Како Русија го претвори пасошот во оружје во Украина?
Бегалците од мобилизација не доаѓаат само од Русија - многумина се од териториите окупирани од Русија
КИЕВ – Замислете дека сте Украинец, а сепак поседувате само руски пасош. А, потоа ве водат во војна за да се борите со вашата родна земја. Ова е реалност со која моментално се соочуваат илјадници Украинци, а некои велат дека тоа претставува воено злосторство.
Откако Русија ја нападна Украина минатиот февруари, европските земји ги пречекаа Украинците кои бараат засолниште. Но, кога Русија ја објави својата делумна мобилизација во септември, илјадници луѓе избегаа. Земјите кои првично ги примија бегалците се двоумеја или ги затворија границите за руските граѓани, што предизвика дебата во ЕУ за тоа како – и дали – земјите треба да дадат или да го задржат азилот за Русите кои бегаат од мобилизацијата.
Но, бегалците од мобилизација не доаѓаат само од Русија – многумина се од териториите окупирани од Русија. На делови од украинската територија што ја држи под окупација Русија речиси една деценија издава свои пасоши, додека го отежнува добивањето или обновувањето на украинското државјанство. Додека двете држави водат крвава војна, украинските граѓани сега сфачаат дека можат да бидат регрутирани од Русија, од Украина или од обете, а не можат да докажат дека се всушност државјани на ниту една од двете.
Масовната натурализација на граѓаните на спорните територии, позната како пасошизација, сепак не е само прашање за тоа кој во која војска ќе се бори или која граница ќе ја премине. Претворањето на украинските граѓани во руски, сакајќи-несакајќи и масовно, е воено злосторство, вели Ирина Верешчук, украинска вицепремиерка и министерка за реинтеграција на привремено окупираните територии.
„Женевските конвенции јасно забрануваат присилна пасошизација на жителите на окупираните територии“, рече таа за „Политико“. „Тоа треба да се евидентира како воено злосторство“.
Принуден да стане Русин
Ернес, продавач на автомобили, замина од Крим во Грузија за да ја избегне делумната мобилизација на Русија во септември, земајќи ги со себе сопругата и трите деца (нивните имиња се променети за да се заштитат нивните идентитети). Семејството е кримско татарско домородно малцинство протерано од Крим под СССР, но кое се вратило во својата татковина по падот на Железната завеса во 1990-тите. Кримските Татари главно се спротивставија на анексијата на Русија и беа силно репресирани, како и многу етнички малцинства на руските територии, а делумната мобилизација, исто така, ги таргетираше несразмерно.
Ернес не беше единствениот со идеја да побегне: границата кон Грузија од Русија беше преплавена. Семејството на Ернес кампуваше со денови покрај патот и на крајот плати поткуп за да ја прескокне 16-километарската редица возила што чекаа.
Но, кога конечно стигнале до грузиската страна, наишле на административна пречка. Заедно со многу европски земји, грузиската гранична служба почна да им забранува влез на Русите. Додека Ернес, неговата сопруга и постарите деца имаа украински пасоши, најмладиот – 3-годишниот Емил – имаше само руски извод од матична книга на родените. Семејството може да влезе, сметаа граничните власти, но само ако го остават своето најмало дете зад себе.
„Тие рекоа: Остави го таму. Како да е куфер“, ѝ рекол подоцна Ернес на својата тешта. Семејството, откако веќе потрошило голем дел од своите заштеди за да стигне до тука, морало да се сврти и да се врати на Крим.
Илјадници Украинци со руски или застарени украински документи завршија во слични ситуации. Според Меџлисот, претставничкото тело на Кримските Татари сега со седиште во Киев, околу 2.500 Кримски Татари кои побегнале во Казахстан – што е дозволено со руски документи – поднеле барање до украинскиот конзулат таму за украински документи за да можат да патуваат понатаму.
Присилната пасошизација е намерна надворешно-политичка практика која се користи и во другите војни на Русија во соседството. Иницирана на териториите во Грузија и Молдавија во 2002 година по вооружените конфликти, а потоа и во Украина во 2014 година, руската политика за пасошизација додаде неколку милиони нови граѓани за да го засили опаѓачкото население на Русија, истовремено поткопувајќи го суверенитетот на целните земји и обезбедувајќи си лажно оправдување за руската инвазија и заземање. Откако Русија незаконски го анектираше Крим во 2014 година, автоматски трансформираше повеќе од два милиони Кримјани во руски државјани, давајќи им рок од шест недели дааплицираат за новиот пасош. Дури и оние кои веќе го напуштија Крим, како Олха Скрипник – активист за човекови права која сега ја предводи Кримската група за човекови права во Киев – се најдоа како руски државјани против нивна волја. Истовремено, во 2016 година, Русија им оневозможи на оние што беа без руски пасош да добијат медицинска нега, образование или здравствено осигурување задолжително за вработување на Крим. Во 2020 година, Русија им забрани на не-Русите да поседуваат имот во поголемиот дел од Крим. Кога некој ќе се обидел да го напушти Крим и да оди во Украина, руските граничари барале руски пасош, а понекогаш и ги одземале или оштетувале украинските, изјави Скрипник за „Политико“.
Во источна Украина, каде што Русија контролира две квази-републики во регионите Луганск и Донецк од 2014 година, на Украинците им беа понудени брзи руски пасоши од 2019 година. Околу половина милион Украинци од очајно сиромашните, меѓународно непризнаени републики зедоа пасоши, кои им дозволјаи да работат и студираат во соседна Русија. Пред целосната инвазија на Русија на Украина, наводниот „геноцид врз руските граѓани“ во источна Украина постојано беше отфрлан од Кремљ како оправдување за агресија.
Во мај 2022 година, пасошизацијата беше воведена на новоокупираните територии во јужна Украина, вклучувајќи ги Херсон и Мариупол. Иако прифаќањето, наводно, било минимално, Русија извршила притисок како што е врзување на хуманитарна помош или задржување на работата во здравствениот или образовниот сектор со руски пасош.
Од 2014 година, украинските граѓани во окупираните области можат да обноват или да аплицираат за украински документи доколку патуваат на територии контролирани од Киев. Но, тоа подразбира скапи, непредвидливи патувања и долго време на чекање – украинските изводи на родени кои се издаваат врз основа на руски извод од Крим, на пример, мора да бидат одобрени од суд. Потоа се појави пандемијата во 2020 година, а ограничувањата за патување ги направија дури и овие патувања речиси невозможни.
Тоа значи дека по осум години, илјадници Украинци на окупираните територии или имаат истечени украински документи или воопшто немаат.
Бегство од окупирани територии
Набргу по најавата за делумна мобилизација, украинскиот претседател Володимир Зеленски ги повика Украинците да излезат од окупираните територии за да ја избегнат руската мобилизација. Но, овие Украинци потоа останаа заглавени во ничија земја – им беше дозволено да излезат од страна на Русија, но не и да влезат во следната земја, па останаа без средства во земји како Казахстан додека се обидуваа да добијат нови украински документи. Кон крајот на септември, претставничкото тело на кримските Татари, Меџлисот, почна да добива стотици очајни повици од кримските Татари кои сакаа да побегнат.
„Се обидувавме да се справиме со овој проблем деноноќно“, рече Рефат Чубаров, шеф на Меџлисот.
Украинските конзулати можат да издаваат привремена дозвола за влез во Украина на граѓани без тековни документи и да аплицираат за нови. Но, изводот на родените не е доволен доказ за идентитетот, а младите од Крим често имаат само руски пасош или други документи кои Украина не ги признава.
„Сега кога започна војната во целосен обем, мажите кои се обидоа да заминат, особено оние на возраст од 18 до 20 години, имаат толку многу проблеми“, рече Скрипник.
Русија, исто така, депортира илјадници Украинци од новоокупираните територии на Крим под превезот да ги спаси од активни борби и го поврза примањето помош и бенефиции во Русија со руски пасош.
Да се има руски пасош од Крим е многу проблематично во Европа, вели Усеин , 31-годишен кримски Татар, кој го напушти Крим во септември за да избегне да биде мобилизиран. Тој излегол од Русија со руски пасош издаден од Крим, а потоа успеал да влезе во Европа преку Латвија со застарен украински пасош. Тој рече дека видел како на други им бил забранет влезот со образложение дека се руски можни регрути кои сакаат да го избегнат тоа, иако избрале да живеат во окупираниот од Русија Крим.
„Тоа е најголемиот проблем, бидејќи тие избираат кого да пуштат, а кого не“, рече тој. Нивниот аргумент е: „Имате руски пасош и државјанство. Што правевте на Крим осум години?“
Усеин се упатил кон Полска, каде што го пречекале главно со сочувство и помош. Но, еден волонтер кој им помага на украинските бегалци му рекол дека е предавник затоа што останал на Крим и не го продолжил украинскиот пасош.
„Му објаснив дека штотуку ми дадоа руско државјанство и си отидов поради мобилизацијата“, рече Усеин. „Крим е мојата татковина. Зошто требаше да заминам порано? Не сакав да заминам ни сега. Сè што сакам е да живеам во мојата татковина“.
Покрај тешкотиите околу документите, многу бегалци – стравувајќи дека би можеле да избегаат од една војска во друга – воопшто не сакаат да се вратат во Украина за време на војната.
„Тие ја избегнаа мобилизацијата во Русија и сакаа да најдат безбедно место за себе и за своите семејства“, рече Чубаров. „Ако дојдеа во Украина, можеа да бидат регрутирани во Украина“.