Принцот на Црна Гора е инспирација за дијалог меѓу народите и генерациите, вели Живко Попов, претседател на МАНУ
Со вашето прогласување за светски хуманист всушност ја прогласуваме духовната љубов и милениумската поврзаност на Македонија и Црна Гора, истакна претседателот на Интернационалното жири што ја доделува наградата, амбасадорот Јордан Плевнеш
На принцот на Црна Гора, Никола Петровиќ Његош, денеска на свеченост одржана во Ќуката на Уранија на МАНУ во Охрид, во присуство на академици и претседателката Гордана Силјановска- Давкова, му беше врачена годинешната Светска награда на хуманизмот, со која Охридската академија на хуманизмот го слави името на Свети Климент на сите светски меридијани.
Принцот е претседател на Фондацијата Његош, што во соработка со Обединетите нации и УНЕСКО има реализирано над 200 значајни меѓународни проекти од областа на хуманизмот, како и организатор на Интернационалното биенале на уметноста во Кралскиот дворец во Цетиње.
Претседателот на МАНУ, академик Живко Попов, пред присутните на свечената церемонија на врачувањето на Светската награда на хуманизмот истакна дека извонредна референца на лауреатот претставува Фондацијата на Кралското семјество Петровиќ Његош со која раководи, а која во доменот на современиот хуманизам и општествениот ангажман во разни области како екологијата, урбанизамот, културното наследство, има постигнато извонредни успеси на стотици реализирани проекти за 12 години работа, што го прави принцот инспирација за дијалог меѓу народите и генерациите.
Во име на Општина Охрид наградата на принцот на Црна Гора му ја врачи претседателот на Советот на Општината Перчо Божиновски, кој посочи дека признанието е потврда дека човекољубието не познава граници, нации, раси, социјални класи, туку го вреднува човечкото универзално творештво и разбирањето меѓу различните култури препознатливо на сите меридијани.
Претседателот на Интернационалното жири што ја доделува наградата, амбасадорот Јордан Плевнеш, во оваа прилика посочи дека во Охрид на Денот на Свети Климент се случува единствен чин, со вклучувањето на Никола Петровиќ Његош во плејадата добитници на наградата од сите меридијани, како единствено име од европските кралските семејства што со сито свој живот го докажувал принципот на филозофијата дека хуманизмот и неговата синтеза со уметноста можат да бидат спасители на човештвото…
– Со вашето прогласување за светски хуманист всушност ја прогласуваме духовната љубов и милениумската поврзаност на Македонија и Црна Гора, што започнува со една од најголемите љубови во светската историја меѓу црногорскиот принц Владимир и македонската принцеза Косара, кои се денеска присутни на овој чин во Охрид, заедно со бројните ликови на Династијата Његош и на сите претходни династии, како и на бројните македонски светци кои од фреските на македонските цркви и манастири Ви го честитаат овој чин со фасцинантните старословенски литургиски напеви – За многаја лета, за многаја лета, за многаја лета, рече Плевнеш.
Лауреатот на Светската награда на хуманизмот за 2024 година, принцот Никола Петровиќ Његош, истакна дека особено е импресиониран и трогнат што не добива признание поради некаков подвиг или некаква креација, туку од едноставна причина, како што рече, „затоа што е сфатен“.
– Кога вашето име ќе се најде на списокот личности кои толку придонеле секој на свој начин во давањето смисол на човештвото, ќе разберете зошто сум толку трогнат и импресиониран…Сметам дека не сме родени како хуманисти, туку тоа стануваме кога се соочуваме со нехуманоста. На почетокот сме само живи суштества, а се она што не прави среќни, просветлени, не прави да реагираме на нехуманоста, неправдата, насилието. Културата, задоволство на споделувањето емоции и нашите проекти не прави хуманисти кои можат да бидат мобилизирани против неправдите и варварствата. Не е ли тоа целта на ова свето место и на оваа награда што денеска не обединија, рече лауреатот, кој ја искористи можноста да ја сподели наградата со луѓето на Црна Гора и бројните членови на неговото смејство и неговите соработници кои со своето постоење придонеле неговото име да биде на списокот светски хуманисти…
Принцот Никола Петровиќ Његош е осумнаесетти добитник по ред на ова исклучително признание со кое што Охрид, градот на УНЕСКО, веќе ги овенча нобеловците Александр Солжењицин, Херта Милер, светските легенди Даисаку Икеда, Рави Шанкар, Питер Брук, Маноел Де Оливеира, Романо Проди, будејќи ги изворите на духовната меморија од првата средновековна школа на хуманизмот, основана од учениците на Св. Кирил и Методиј, заштитниците на Европа.