Принцезата Беатрис по трет пат ја одложи свадбата со италијанскиот мултимилионер


Англија- Принцезата Беатрис (32), постарата ќерка на принцот Ендрју и Сара Фергусон, по трет пат ја одлага свадбата со  мултимилионерот, Италијанецот Едуардо Мапели Мози  (35), поради коронавирусот. Претходно го смени датумот на свадбата поради поврзаноста на нејзиниот татко со скандалот на милијардерот Џеф Епстајн кој подоцна се самоуби во затворот.

Двојката беше во врска една година  пред да се сврши, а свадбата беше закажана на 29 мај во палатата „Свети Џејмс“ во Лондон со прием за гостите во градините на кралицата Елизабета во Бакингамската палата.Поради ширењето на коронавирусот, кралицата ги откажа сите претстојни забави во градината.

За разлика од принцовите Хари и Вилијам, Беатрис не планираше поворка која ќе го следи нејзиното доаѓање со автомобилот до палатата. Сепак, таа планираше да го одржи остатокот од свадбата што е можно понормално, што подразбира учество на нејзиниот татко.

„Беатрис никогаш немаше да стори ништо за да му наштети на татко си.  Тој ќе биде од нејзина страна и таа ќе биде од негова страна“, изјавија нивни пријатели.

Ова ќе биде прв брак за Беатрис, а  втор брак за младоженецот кој има син од претходниот брак.