Примадона Милка Ефтимова наполни 89 години. Многу емотивен ден, вели Весна Ѓиновска-Илкова


Примадона Милка Ефтимова, уникатна дама, со префинет стил и светска кариера, наполни 89 години. Ефтимова како оперски и концертен уметник, алт и мецосопран певица, е доајен на Македонската опера и амбасадор на македонската уметност и култура во светот.

Оперската првенка Весна Ѓиновска-Илкова, како нејзина студентка, заедно со уште неколку пријатели организираше забава за 89.роденден во Домот за стари лица во скопската населба Кисела Вода каде што таа претстојува и сподели фото на ФБ.  Ѓиновска-Илкова вели дека ова бил многу емотивен ден за сите станари во Домот.

„ Дотерана како и секогаш, седеше и уживаше во прославата. Дуваше свеќи, се напивме кафе и јадевме торта. Милка е жена која ја има контролата врз својот живот. И во староста е со бистар ум“, вели Ѓиновска-Илкова.

Ефтимова ја паметиме по прекрасната улога на Кармен, која ѝ донесе и регионална слава и по прекрасниот глас што останува наше културно и духовно наследство и безвременска вредност и радост на нашето поднебје. Во 1961 година првпат застанала на сцената на оперскиот театар. Првата улога ѝ била Ацучена во Вердиевиот „Трубадур“, а од оперската сцена јубилејно се простила со Кармен во 1991 година. Таа ѝ била 157. претстава.

Во 2021 година, излезе од печат библиографија за нејзиниот уметнички пат, послан со цвеќиња „Моето богатство“ – од музичките почетоци во родниот Радовиш, отворањето на нејзиниот музеј во родниот град, присуството  во општествено-културниот живот, потсетување на освоените награди, признанија, медали и благодарници, ревијата на нејзините костими за хумана цел, секојдневниот живот исполнет со дружење со семејството, пријателите, учениците, дипломатскиот кор…

Фото: Б. Грданоски

Претседателот Стево Пендаровски, на свечена церемонија во Филхармонија, во 2022 година, ја одликуваше Милка Ефтимова со Орден за заслуги на Република Северна Македонија.

Во 2023 година, мотивно ја доживеа изложбата на нејзините лични предмети кои ги донираше на Музејот на македонската борба во Скопје.