Прилепските ученици со креативни активности за делото на Блаже Конески во Небрегово


По повод 5 Мај, Денот на македонскиот јазик и 80 години од создавањето на првата азбука, во организација на прилепскиот Завод и музеј, во Спомен домот на великанот Блаже Конески во Небрегово, денеска учениците од ОУ „Блаже Конески“ од Прилеп учествуваа во манифестација посветена на зачувување, негување и познавање на мајчиниот јазик и на големото дело на великанот Конески. На поинаков начин, со запознавањето на младите години на Конески, учениците ги изразија своите впечатоци, чувства за таткото на современиот македонски јазик, Блаже Конески.

-Манифестацијата ја базиравме на идејата за реалниот лик на Конески, а се состои во емотивно запознавање со неговите детски и ученички денови, доловена низ креативни,  размислувачки игри и перформанси, што на современ и интересен начин ги поттикнуваа сетилата, создаде атмосфера вредна за присеќавање и помнење на најважните моменти од секојдневиетои најзначајните достигнувања во творештвото на Конески, објаснува Мимоза Христоска, директорка на „Завод и музеј“-Прилеп.

Учениците денеска  кои преку креативни активности, поетски изведби и живи слики го доловуваа делото на Конески и ја пренесоа неговата мисла – онаа што секогаш повикува да го чуваме јазикот како што се чува огниште. На манифестацијата беше нагласено наследството што го остави  Конески дека јазикот е нашата татковина.