Прилепски ученици со прва награда од УЈП
Учениците од струката за графички уредник – дизајнер при прилепското средно електромашинско училиште „Ристе Ристески Ричко“ се добитници на првата награда за изработено видео во рамките на кампањата на УЈП за фискална едукација на младите. Тие изработија видео под мотото „Данок плати, во иднина да ти се врати“. Претставници од УЈП денеска во просториите на училиштето им доделија пригодни награди и подароци.
-Во рамките на делокругот на работа на Управата за јавни приходи се спроведува фискална едукација за млади за тоа што значи плаќање даноци и кои се придобивките од тоа за граѓаните. За таа цел секоја година УЈП ги посетува средните училишта во земјава. Оваа година УЈП распиша конкурс за најдобро видео со цел учениците да бидат интерактивни во самата едукација. Добивме 22 видеа од исто толку средни училишта. Сите беа навистина добро направени, комисијата имаше тешка задача, но сепак одлучивме како најдобро да биде видеото од учениците од струката графички уредник- дизајнер од средното електромашинско училиште „Ристе Ристески Ричко“ од Прилеп, изјави Мухедин Авдиќ, раководител на сектор за даноци, услуги на даночни обврзници при УЈП.
Награденото видео учениците го изработиле за кусо време преку кое прецизно ја нагласиле целта дека доколку се плаќа данокот, тоа им се враќа за подобро секојдневие на граѓаните.
-Учествуваме на конкурсот и во навистина краток период, еден ден, учениците од струката графички уредник- дизајнер го подготвија видеото. За идејата во видеото тргнавме од тоа доколку не се плаќаат даноците, улиците и училиштата ќе бидат руинирани. Конкретно, имаме родител кој не го плаќа данокот и со своето дете поминува по руинирани патишта. Во спротивно, кога ќе го плати данокот, патот е поплочен и има убав парк да се помине. Горд сум на учениците што добија прва награда, рече Александар Костадиноски, професор во електромашинското училиште „Ристе Ристески Ричко“.
Во оваа фискална едукација на младите што ја спроведува УЈП, прв пат се изработуваат видеа и ова е прва доделена награда за учениците.
Фискалната едукација е во пресрет на „Свети Матеј“, заштитникот на даночните службеници.