Прилеп ќе го прогласи петок, 4 октомври, за ден на жалост
Поради трагичната сообраќајна несреќа на магистралниот пат Прилеп-Битола во која загинаа три медицински лица од Прилеп, двајца лекари и радиолошка техничарка, претседателот на Советот на општина Прилеп за 18 часот закажа вонредна седница на Советот со единствена точка на дневниот ред – Предлог-одлука за прогласување на ден на жалост во Прилеп. Согласно предлогот, утрешниот ден, петок 4 октомври ќе биде прогласен за Ден на жалост.
Во сообраќајната несреќа изутрината на магистралниот пат Прилеп-Битола, на излезот од градот кај селото Лагово загинаа Александар Ристески, специјалист радиолог, гинекологот Никола Василески и радиолошкиот технолог Фанче Јованоска кои долги години работеа во битолската болница Плодност. Несреќата се случила при судир на патничко моторно возило „тојота“ во кое биле медицинските лица и товарен камион. Поради силината на ударот избил пожар.
До овој момент делницата на патот Прилеп-Битола сѐ уште е забранета за сообраќај, и сообраќајот се пренасочува по алтернативни патишта.
Таравари: Сочувство до семејствата на загинатите лекари во Прилеп
Министерот за здравство Арбен Таравари упати најдлабоко сочувство до семејствата на лекарите кои денеска загинаа во сообраќајна несреќа во Прилеп.
-Со тага утрово ја примивме веста за загубата на тројца наши лекари, кои денеска ги загубија животите во сообраќајна несреќа во Прилеп. Прим. Др. радиолог Александар Ристески, спец. гинеколог Др. Никола Василевски и технологот за радиологија Фанче Јованоска ги загубија животите додека одеа да ја извршуваат својата благородна мисија, како што е докторската работа.
Најдлабоко сочувство до нивното семејства, пријателите и колегите, напиша Таравари на Фејсбук.