Пријавиле индустриска, а увезувале нејодирана сол: Царината спречи нелегален внес на 2,8 тони
Царинските службеници спречиле обид за нелегален увоз на 2,8 тони нејодирана сол, чиј внес во земјава е забранет. Неправилноста била откриена при контрола на пратка пријавена како индустриска сол, за која увозникот, инаку производител на храна, доставил изјава дека ќе се користи исклучиво за индустриски цели.
При проверката, царинските службеници утврдиле дека станува збор за нејодирана сол, а не за индустриска сол, како што било наведено во изјавата и увозната царинска декларација. Случајот го открила Царинската испостава Скопје 3.
Според македонските прописи, солта наменета за исхрана задолжително мора да биде јодирана, поради штетните последици што може да ги предизвика употребата на нејодирана сол врз здравјето на граѓаните.
Против осомничените е поведена соодветна постапка, а по решение на Агенцијата за храна и ветеринарство, целата количина од 2,8 тони сол е уништена на депонијата „Дрисла“.