Пријател на избодениот Бугарин во Скопје: Полицијата нѐ возеше низ опасна населба

Според овој навивач кој зборува за „24 часа“ трасата за патувањето во Скопје им ја дале од клубот „Левски“


Пријател на избодениот Бугарин во Скопје, навивач на фудбалскиот тим „Левски“, Петар Бозов, тврди за весникот „24 часа“ дека македонската полиција која ги придружувала низ Скопје не реагирала кога дел од бугарските навивачи се одвоиле и свртеле накај населбата Чаир, оставајќи ги практично да минат низ  опасен дел од градот. Тој вели дека бугарските навивачи кои  патувале со повеќе автомобили не биле организирани, а исто така негираше дека учествувал во организирани тепачки. Според него, избодениот навивач не е во животна опасност, но ги повика бугарските власти да помогнат во неговото лекување и транспортирање во Бугарија.

„Околу 18 часот бевме на влезот во Скопје. Таму сите бугарски автомобили беа детално проверени дали имаат оружје. Излезе кордон да нѐ придружува, но по пат се распадна колоната  и не бевме добро чувани. Пред кривина, возачот на вториот автомобил ми блиндираше со светло и застанавме. Ме праша ‘Знаеш ли каде одиме?’  Реков: ‘Да, по трасата што ни ја даде Левски’. До нас застана патролно возило и ги прашавме ‘дали треба десно’ и тие рекоа ‘Да, оди, оди’. Ова се покажа како пат до населбата Чаир“, изјавил пријателот на избодениот Бугарин.

„Македонската полиција многу добро виде колку бугарски автомобили скршнаа и завршија во  опасната населба“, додава тој. Тогаш започна кошмарот. Околу нив се собра огромна толпа мажи со албанско потекло, пишува весникот. Удирале по колите, таму го избоделе и Драго – другарот на Петар. „Бевме тепани со метални предмети и канти“, се присетува учесникот во она што се случи.

Тој објасни дека полицијата им забранила да се сликаат. Немало и преведувач за време на сослушувањата, па преведувал бугарскиот амбасадор.

На повредениот вчера му беше извршен оперативан зафат во клиниката „Св.Наум Охридски“. Тој бил примен во 18 часот и 30 минути со убодна рана во пределот на стомакот. По направените прегледи било утврдено дека има повреда на црниот дроб.

Македонските медиуми, пак, постираат снимки од кои се гледа дека навивачите не биле баш толку фини и скандирале „Македонија е бугарска“ и „Шиптари п…ки“. По насилничкиот пир биле приведени 21 , од кои 19 навивачи на „Левски“, а двајца на „Шкупи“. Осум бугарски државјани се приведени „за агресија на натпревар“, двајца за „физички напад врз полицајци“ кои вршеле службени задачи, а деветмина се уапсени „за агресивен однос кон полицијата“. Против нив се чекаат обвиненија. Двајцата навивачи на „Шкупи“ приведени во полиција го нарушиле јавниот ред  со физички напад. Наедно, повредени се уште тројца навивачи на „Левски“, но сите моментално се во стабилна состојба. Потврден е идентитетот на поголемиот дел од напаѓачите. Случајот во моментов е под истрага и ќе биде поднесена пријава.

 По победата на „Левски“ со 2:0, навивачите долго време одбиваа да го напуштат стадионот, додека не бидат ослободени приведените . Тие дури собирале пари за нивно ослободување.

Меѓу бугарските навивачки групи веќе се најавува дека дека навивачите на „Шкупи“, кои евентуално ќе дојдат во Софија на реваншот за една недела, ќе бидат дочекани „правилно“.

Веќе подолг период Виктор Стојанов од т.н. Фондација Македонија ја пали атмосферата околу клупскиот фудбал во Македонија, кој според негова оценка пропаѓа и сега било време таму да влезе бугарскиот капитал и влијание! Тој најавува и преземање на фудбалскиот клуб „Вардар“. 

„Заинтересирани сме да купиме македонски фудбалски клуб за да отвориме бугарски клуб. Во Северна Македонија, дури и фудбалот е поделен на етнички групи и, иако сите тимови се членки на Фудбалската федерација на Северна Македонија, тие се поделени по етничка линија и имаат свои поддржувачи. Забележавме дека недостига фудбалски тим да ја претставува бугарската заедница во земјава и навивачите да ја запознаат, да ја поддржат, да одат на нејзините натпревари и затоа сега сме во преговори со неколку тимови. Секако дека би сакале да го купиме Вардар Скопје на прво место како најтрофејниот, најценетиот и најподдржуваниот македонски тим. Не би рекол дека, ако се постигне договор, веднаш ќе го ребрендираме да го наречеме бугарски тим, напротив, ќе бараме разум кај поддржувачите на тимот за тој да остане македонски, но да нема јазик на омразата или провокациите од страна на неговите поддржувачи кон Бугарија“, вели Стојанов.