Причините за смртта на малата Јана најпрво ќе ги чујат родителите, па јавноста


Починатото девојче Јана Христовска

 

БИТОЛА – Извештајот за причините за смртта на малата Јана Христовска (6) од битолското село Кравари први ќе го добијат родителите, па после ќе биде објавен за јавноста, изјавија за „Независен“, од Основното јавно обвинителство во Битола. 

Шестгодишната Јана почина на 22 март во битолската Клиничка болница само неколку часа откако била примена со оток на очите, болки во грлото и нозете и повраќање. Нејзините родители се сомневаат дека девојчето не било соодветно третирано и починало за време на давањето инфузија, кога шеќерот во крвта веќе бил 9 единици. 

Основното јавно обвинителство Битола побара обдукција и отвори предмет за причините за смртта на Јана и подоцна побара стручно вештачење од Институтот за судска медицина. Анализите од вештачењето Обвинителството веќе ги опсервираше по што најавува дека во следните денови ќе бидат објавени наодитеза причините за смртта на Јана. 

„Не е донесена уште формална одлука. Пред неколку дена е примено вештачењето, деновиве ќе се донесе и одлуката. Само, прво да го известиме семејството што е одлуката на ОЈО Битола, па ќе пратиме и соопштение за јавност“, известија денеска од ОЈО Битола за „Независен“.

Државниот санитарен и здравствен инспекторат по смртта на девојчето изврши вонреден инспекциски надзор во Педијатрија на Клиничка болница „Д-р Трифун Пановски“ Битола во врска со лекувањето и третманот на починатото 6-годишно девојче од Кравари, но не најде недостатоци во лекувањето.

ДСЗИ изврши увид во медицинската евиденција и документација која се води на одделението во рачна и електронска форма како и обезбеди изјави на дел од здравствените работници кои учествувале во лекувањето и третманот на лицето, при што ја констатира фактичката состојба напоменувајќи дека „по завршување на инфузијата состојбата се влошила. Дошло до појава на малаксаност, бледило, тахикардија…“

Во меѓувреме кај детето имало срцев застој по што била направена реанимација, но ѝ немало спас.

Смртта на Јана длабоко ја вознемири битолската и воопшто македонската јавност. Во неколку наврати се одржаа и граѓански протести. (А.Б.)