Презентиран ИПА проектот „Активација на ранливи групи на пазарот на трудот“

Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија, денеска, го презентираше ИПА проектот „Активација на ранливи групи на пазарот на трудот“, поддржан од Европската Унија. Намалување на долгорочната невработеност на лицата од ранливите категории и нивно вклучување во специјализирани програми и услуги за развој на вештини се таргетот за активностите што се спроведуваат преку проектот кој е со времетраење од 54 месеци.
Наташа Здравковска, проектен координатор информира дека проектот започнал со целна група – невработени лица, корисници на гарантирана минимална помош (ГМП), а во текот на имплементацијата се проширил со лица од други ранливи категории како долгорочно невработени лица, млади до 29 години, жени, Роми и лица со попреченост. Потенцира дека вкупниот буџет на проектот е 1.191.401 евра, од кои 3.000.000евра средства обезбедени од Делегацијата на Европската Унија/ИПА, 347.768 евра од националното финансирање и 841.633 евра од буџетот на Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија.
Здравковска соопшти дека проектот се состои од две компоненти – првата компонента е советување и мотивациски услуги (СИМ програма) и втората компонента е Програма за вработување преку обуки.
– СИМ Програмата се состои од психсоцијална поддршка и менторска поддршка. Вкупниот опфат на СИМ програмата за целото времетраење на проектот е 1200 невработени лица опфатени со психосоцијална поддршка и 1200 невработени лица опфатени со менторска поддршка. Основна цел на психосоцијалната поддршка е да им помогне на лицата во процесот на нивното активирање и интегрирање на пазарот на трудот. Поддршката почнува пред лицата да се вклучат во активна мерка, а трае и додека лицето се вклучува или се вработува преку активна мерка. Менторската поддршка започнува откако лицето се вклучува или се вработува преку активна мерка. Менторската поддршка овозможува да се детектираат и надминат личните и професионални бариери и потешкотии со кои се соочуваат лицата за време на процесот на на обука или вработување, рече таа.
Втората компонента Програма за вработување се состои од пет активни мерки за вклучување на пазарот на трудот: субвенционирање на плати, обука на работно место за познат работодавач, обуки за побарувани занимања, практиканство и „Втора шанса“.
– Субвенционирање на плати – субвенција за шест месеци од вкупно девет месеци во работен однос (6+3 месеци), во првите 2 години субвенцијата беше за 12 месеци од вкупно 18 месеци во работен однос (12+6 месеци), кја вклучува финансирање 19.000 денари месечно, 50 отсто од проектот/50 отсто од буџетот на АВРСМ; опфат на мерката 849 лица, од кои до сега се вработени 59 лица ГМП корисници. Обука на работно место кај познат работодавач – три месеци и обврска на работодавачот е обученото лице да го вработи и задржи во работен однос најмалку три месеци; финансирањето е 9.000 денари месечно, 15.000 денари за работодавачот по вработено лице. Се очекува со мерката да бидат опфатени 30 лица, а досега нема пријавени лица. Обука за побарувани занимања во три месеци (2 месеци теоретска и 1 месец практична обука) од страна на верификувани спроведувачи; финансирањето е 9.000 денари месечно за лицата, 24.000 денари вкупно за спроведувачите на обуки. Со оваа мерка се очекува да бидат опфатени 1.180 лица и досега се вклучени 253 лица ГМП корисници. Обуката преку практиканство ќе се реализира во траење од три месеци. Финансирањето е 9.000 денари месечно за лицата и не е предвиден надомест за работодавачите. Со оваа мерка се очекува да бидат опфатени 400 лица и досега се вклучени 17 лица ГМП корисници, рече таа.
Здравковска појасни дека мерката „Втора шанса“ е нова пилот програма воведена оваа година, за која постапката за имплементација е во тек и се очекува да бидат опфатени 200 лица. Целта на оваа мерка, според Здравковска, е невработените лица-баратели на работа, кои се со незавршено средно стручно образование во рок од 12 месеци да го довршат и оформат своето средно стручно образование и да се стекнат со државна призната диплома за стручно образование, односно да се стекнат со II или III степен стручни квалификации.
За Штефен Худолин, шеф за соработка во Делегација на Европска Унија во Скопје, ЕУ систематски инвестира во луѓе од 1957 година кога е основан Европскиот социјален фонд.
– Веќе 65 години ги поддржуваме мерките за избегнување и борба против невработеноста, го шириме опсегот на понудени обуки и го подобруваме функционирањето на пазарот на трудот. Добро е што во Северна Македонија се спроведуваат слични практики преку користење на ИПА фондовите. За вклучување на сите, без разлика на нивното потекло или лични тешкотии, обезбедувајќи им поддршка во нивниот развој, објасни Худолин.
Енвер Хусеин, заменик министер за труд и социјална политика истакна дека Владата презеде низа брзи и времени мерки што беа насочени кон поранливите групи на население со цел да се ублажат последиците од економско-енергетската криза и силниот раст и голема променливост на цените на примарните енергетски и неенергетски производи. Сепак, како што посочи, на долг рок, останува фактот дека пристојната работа е најдобриот и најсигурниот излез од сиромаштијата
Беким Мурати, директор на Агенција за вработување на Република Северна Македонија, рече дека Агенцијата согласно Националната Стратегија за вработување, како и Програмата на Владата на Република Северна Македонија, континуирано реализира разни видови услуги и активни мерки за вработување за невработените лица.
– Со Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2022 година предвиден е опфат на 13.000 невработени лица. Досега постигнавме висок степен на реализација, односно повеќе од 10.000 невработени лица се вклучени во активни програми и мерки за вработување. Од реализираниот опфат, 6.765 (67 отсто) се млади невработени лица; 4.466 (44 отсто) се жени, 414 (4.2 отсто) се невработени лица од ромска националност, а 1.127 се долгорочно невработени лица. Планираниот буџет за имплементација на годишниот Оперативен план за 2022 година изнесува над 1,85 милиони денари или над 30 милиони евра, од кои најголем дел се од буџетот на Агенцијата за вработување, додаде Мурати.