Презентација на NICS системот за управување со инциденти


Конференција „Дигитализација на системот за менаџирање на кризи“ ќе се одржи денеска во Скопје во организација на Центарот за управување со кризи и НАТО, на која ќе биде претставен NICS – следната генерација на систем за управување со инциденти во Република Северна Македонија.

Пред присутните, како што е најавно, свое обраќање ќе имаат премиерот Зоран Заев и помошникот генерален секретар на НАТО за новите безбедносни предизвици Антонио Мисироли.

NICS апликацијата претставува дигитализација на Системот за управување со кризи и овозможува командување со ангажираните ресурси (единици, тимови и МТС) во рамките на секоја институција од Системот за управување со кризи, меѓуресорска координација, соработка и комуникација помеѓу институциите ангажирани на справувањето со инцидентите, кризите и кризните состојби, и размена на податоци и информации (текст, слика и видео содржина) во реално време.

За имплементацијата на NICS – Next Generation Incident Command System – NATO SPS Projekt (Следна генерација на Систем за управување со инциденти) во Република Северна Македонија, на заедничка прес-конференција денеска ќе зборуваат директорот на ЦУК Агрон Буџаку, професорот на Универизтетот МИТ во Масачусетс САД Грегори Хоган и ко-директорот на NATO SPS Project Урим Вејсели.

Целосната имплементација на NICS проектот, како што беше усвоено на 141. седница на Владата, треба да се реализира до 1 декември 2020 година, што практично значи дека Република Северна Македонија како 30-та членка на НАТО, ќе има имплементиран современ дигитален систем за управување со кризи.