Превирањата во ВЛЕН не се закана за владејачкото мнозинство, тврдат од ЗНАМ

Извршниот одбор на Движењето ЗНАМ за наша Македонија на синоќешната седница усвоило заклучок дека секој кој соработува со нереформираната ДУИ за Движењето ЗНАМ е неприфатлив да биде составен дел на партнерството во коешто учествува ЗНАМ. Ова го соопшти денес портпаролот Никола Мемов.
– Прво, Движењето ЗНАМ за наша Македонија смета дека случувањата во коалицијата Вреди се нивно внатрешно прашање. Второ, секој којшто соработува зад отворени или затворени врати со нереформираната ДУИ за Движењето ЗНАМ е неприфатлив да биде составен дел на партнерството во коешто учествува ЗНАМ. Трето, за Движењето ЗНАМ, превирањата во Вреди не се закана за владејачкото мнозинство. Во моментов владината коалиција функционира тековно и без никакви застои. Владата е стабилна со самиот факт што ЗНАМ и коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ обезбедуваат мнозинство од 64 пратеници и дополнително пратениците во коалицијата Вреди кои ја поддржуваат владата. Исто така, за Движењето ЗНАМ – За наша Македонија не е прифатлива соработка со поранешни, актуелни и идни функционери, пратеници и членови од редовите на СДСМ за кои има индиции дека учествувале или се дел од организираниот криминал и корупцијата во Република Македонија. За идните случувања во владината коалиција Движењето ЗНАМ за Наша Македонија смета дека тоа прашање е во надлежност на претседателот на Владата Христијан Мицкоски – рече Мемов.
На прашањето дали овие ставови значат дека ЗНАМ ќе побара изземање на Таравари од владиниот состав, Мемов одговори:
– Нашиот став е многу јасен, заклучокот број два вели: Секој којшто соработува зад отворени или затворени врати со нереформираната ДУИ за Движењето ЗНАМ е неприфатлив да биде составен дел на партнерството во кое што учествува ЗНАМ.
На прашањето зошто се вели дека состојбата во Вреди е нивна внатрешна работа, а ЗНАМ изјавува дека некој што соработува со ДУИ не треба да биде дел од Владата, Мемов рече:
– Случувањата во Вреди се нивна внатрешна работа, кој ќе остане како коалиционен партнер во коалицијата Вреди ќе видиме понатаму, ќе покаже времето. Доколку останат сите, тогаш органите и телата на ЗНАМ ќе разговараат и ќе расправаат по тоа прашање.
Запрашан дали ЗНАМ има информација дека Алијанса за Албанците, која е дел од Вреди, има некакви комуникации со ДУИ, Мемов рече:
– Тие самите изјавија дека имаат отворена комуникација.
Сепак, лидерската тројка од ВЛЕН најави дека ќе бара репреговарање на владиното партнерство. Ова го потврди Билал Касами, лидерот на Беса, поради одлуката на Алијанса за Албанците на Арбен Таравари да оди со сопствени советнички листи на локалните избори. Лидерската тројка од Вреди – Изет Меџити, Билал Касами и Зеќирија Ибрахими – ќе бараат премиерот Христијан Мицкоски да му се заблагодари на Таравари за учеството во Владата.
Од Алијанса за Албанците најавуваат дека немаат намера да ја напуштат Владата, но ако премиерот го побара тоа, тие ќе поднесат оставки, затоа што никогаш не им било приоритет по секоја цена да бидат дел од власта.
За ВМРО-ДПМНЕ несогласувањата во Вреди се внатрекоалициски и засега нема да влијаат врз Владата, односно ако Алијанса не биде дел од Вреди, на „Илинденска“ ќе партиципира како четврти владин партнер.