Мурал и награда во чест на актерската легенда Мето Јовановски


Фото: Б. Грданоски

Пред Кинотека денеска во 11 часот ќе бидат претставени новоизведениот монументален мурал на актерот Мето Јовановски, како и наградата „Мето Јовановски“ за извонредно актерско достигнување во уметноста на филмот.

Муралот е уметничко дело на авторите Евгенија Трајковска и Драган Илиќ.

Како што е најавено, Советот на Фестивалот на медитеранскиот и балканскиот филм „Преку езерото“ и Кинотека на Македонија, кои се организатори на настанот, ќе ги презентираат поривите и мотивите за овие две посебни меморијални дела направени во чест на еден од најголемите актерски имиња во земјава и балканот, Мето Јовановски.

Македонскиот театарски, филмски и телевизиски глумец Мето Јовановски почина на 16 ноември на 77-годишна возраст. 

Речиси и да нема македонски актер кој толку извонредно глумел и во театарот и во филмот. Тоа беше работа која го издвојуваше Мето Јовановски – тој многу добро знаеше да оцени како да се глуми на театарската сцена, а како на филмските сетови.

Роден е во пехчевското село Панчарево во 1946 година. Студираше Театарска акдемија во Софија и по враќањето во Југославија првиот ангажман му беше во Народниот театар во Штип. Кога неговиот талент и знаење станаа претсесни се префрли во Драмскиот театар во Скопје. Глумеше на многу сцени во Македонија и во некогашна Југославија. Во драмите на Горан Стефановски – „Диво месо“ и „Лет во место“ – беше равенката која ја носеше претставата.

Од другите театарски претстави треба да ги споменеме „Мачка на вжештениот лимен покрив“, „Јане Задрогаз“, „Галеб“, Смртта на Дантон“… а од филмовите „Пред дождот“, „Засега без добар наслов“, „Нечиста крв“, „На пат за Катанга“, „Трето полувреме“…

Двапати е добитник на државната награда „11 октомври“ и на бројни други државни признанија. Добитник е и на државната награда за животно дело „Војдан Чернодрински“. Пет пати бил прогласен за Глумец на годината според списанието „Екран“. Седум пати наградуван на Театарските игри „Војдан Чернодрински“ во Прилеп. Четири пати лауреат на наградата „Милтон Манаки“. 

Мето, актер, професор, колега, но и обичен човек за кој неговите пријатели ќе откријат дека: 

 

Сакаше да го посетува манастирот Св. Јован Бигорски;

Наизуст ги знаеше евангелијата,  

 

Беше човек волк самотник, имаше доверба во малкумина,

Ги сакаше своите ќерки,

Ја сакаше својата брада, без неа не се чувствуваше свој, не сакаше да ја избричи, само малку да ја потшиша,

 Сакаше да носи шал, капа, карирани кошули, убави чевли и широки палта и капути,

Омилена му беше виолетовата боја,

Го сакаше цвеќето јоргован,

Му се допаѓаше левиот профил од неговото лице,

Сакаше тишина во ходниците низ театарот, пред почеток на секоја претстава,

Пиеше еспресо и кисела вода,

Не сакаше да дава интервјуа,

Сакаше да патува, со автомобил, сакаше долго да вози,

Велеше дека животот може да се носи во една патна кожена торба,

Ја сакаше македонската традиционална песна. Омилена му беше „Со маки сум се родила“.