Претставниците на Синдикатот за здравство на средба со министерот Демири


Фото: Б. Грданоски

 Претставниците на Синдикатот за здравство кои денеска се собраа на протест пред Министерството за здравство ќе бидат примени на средба со техничкиот министерот за здравство Илир Демири.

Здравствените работници денеска, во организација на Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита, поддржани од Сојузот на синдикатите на Македонија, се собраа на протест пред Министерството за здравство во знак на незадоволство од непотпишаниот анекс на Колективниот договор.

Под мотото „Здравството на протест за плата“, паралелно, денеска, здравствените работници ќе излезат на протест и пред здравствените домови низ државата. 

Со протестот се бара неселективно вработување, усогласување на платата согласно Законот за минимална плата и зголемување на коефициентите како додатоци на плата.

– Со протестот сакаме да го искажеме нашето незадоволство од непотпишаниот анекс на Колективниот договор и да укажеме на неминовноста, односно неопходноста од неговото потпишување веднаш по формирањето на новата влада, изјави Љубиша Каранфиловски.