Претставници од НВО ја поздравија одлуката за крај на „десоросоизацијата“
Претставници на граѓанските организации кои беа опфатени со процесот на „десоросоизација“ на кој во 2016 година повика Никола Груевски, денеска го поздравија позитивно мислење на Владата и автентичното толкување на законот од страна на Собранието, со кое се појаснува дека НВО не треба да плаќаат дополнителни средства во буџетот за активности кои се нивна основна дејност.
-Тоа што Парламентот има донесено автентично толкување ги прецизира работите што претходно, во време на „партизирани институции“ си дозволуваа на разни начини да си го толкуваат законот, изјави за МИА Филип Стојановски од Фондацијата Метаморфозис.
Нивната Фондација, како што рече тој, била една од тие организации на кои бил применуван селективно таков вид на дупки во законот, со цел да им се наштети на работата со административни казни за нешто што немало основа.
-Ни праќаа инспекции, ни праќаа разни видови на проверки што ни одземаа не само од работното време туку беа искористени и разни механизми на државата за да се наруши угледот на невладините организации преку тие проверки. Тоа беше дел од нешто што Груевски го нарече „десоросоизација“, односно кампања да се уништат сите граѓански организации кои што не беа сметани за подложени на влијанија од власта, рече Стојановски.
Со автентично толкување од страна на Парламентот, како што истакна, се прецизираат работите што претходно во време на партизирани институции си дозволуваа на разни начини да си го толкуваат законот.
Според него, ова ќе овозможи да се намали можноста за такви неправди во иднина. – Исто така ова има и пошироко влијание бидејќи претходно имавме ситуација во која што некои организации или фирми беа присилени да плаќаат одредени работи или ги плаќаа како превентива, не заради тоа што сметаа дека треба, туку за да не бидат подложени на дополнително малтретирање, рече Стојановски.
Посочи дека од исклучителна важност е сите нејаснотии во законите што може да бидат предмет на интерпретација и селективна правда да бидат разјаснети како што е направено во случајов за, како што дополни, да не може да зависи нивната примена од тоа кој е на власт, туку јасно да се знае што е што и што треба да се плати, а што не.
Според Никола Писарев од Центарот за современи уметност со автентичното толкување на законот од страна на Собранието се потврдило тоа за кое што сметале дека е хајка против нив.
– Практично се потврди тоа што велевме дека е хајка цело време против нас. Тоа е стара приказна со која се согласувам генерално и ние баравме да се толкува и да се види што и како беше таа хајка. Тоа ни стоеше три години над глава од 2016 до многу скоро. Не знаевме кај сме, ниту на небо ниту на земја, затоа што ние имавме отворено истрага која беше стопирана, но не знаевме дали ќе продолжи или не и што се случува со тоа, изјави Писарев.
Министерката за одбрана Радмила Шекеринска денеска изјави дека преку ваквата „злоупотреба на институциите, Владата на Груевски сакала да ги замолчи, казни и да ги уништи финансиски сите граѓански организации кои не ги делеле ставовите на тогашната власт“.
-По долготрајни анализи и консултации со неколку владини институции и консултации со Собранието, Владата дала позитивно мислење, а Собранието донело автентично толкување на законот со кој овој проблем се решава… Автентичното толкување, заедно со претходно изменетиот закон покажа дека оваа Влада не сака да остава сиви зони со кои што денес или утре било кој може да го уценува, притиска или манипулира. На овој начин решението ќе гарантира дека било која државна институција нема да може на ваков начин да создава притисок кон оние кои можеби не ги имаат истите политички убедувања, изјави Шекеринска.