Претставници на Независниот синдикат на државна администрација на средба со советникот за труд на премиерот
Претставници на Независниот синдикат на државната администрација (НСДА) денеска остварија средба со советникот за труд на премиерот Лазар Јовевски. Како што беше кажано во изјава за медиуми, тие му укажале на забелешките околу новите предлог законски решенија, а се разговарало и за додатоците на плата, за предлогот за систем на плати, како и за побрзо решавање на статусот на вработените во инспекциски служби.
– Тема на разговор беа и додатоците на плата, законот за систем на плата и донесувањето што е можно побрзо на овој закон со што ќе имаме урамнување во делот на платите во делот на јавниот сектор. Кога зборувам за јавниот сектор, мислам и за безбедносниот сектор. Вработените во безбедносниот сектор треба да имаат посебен додаток во тој дел. Разговарано е за актуелните проблеми и побарано е што побрзо да се донесе закон за административни службеници со нашите предлог забелешки. Начинот на оценување на вработените во јавниот сектор треба да биде транспарентен и аполитички и секој да има право на приговор, жалба во евентуалното оценување, изјави Горан Ристески, претседател на НСДА.
Тој најави дека во 14:30 часот ќе имаат средба и со министерот за јавна администрација Горан Минчев, на кого ќе му ги предадат забелешките во хартиена форма.
– Се работи за сигурноста на вработените, да имаат правна сигурност во институциите каде работат. Воедно, начинот на исплата на плати и на додатоци на плата треба да бидат достоинствени за вработените во јавниот сектор. Порано беше достоинство, чест и углед да работиш во јавната администрација. Денеска со оглед на платите во приватниот сектор, веќе не е интересна, затоа имаме многу малку пријавувања на конкурсите, рече Ристески.
На средбата било побарано да се смени и правилникот за дежурства во судската служба.
– Тој правилник е донесен пред десетина години и едно дежурство во Кривичен суд изнесува само 300 денари. Побаравме додатоците од Судскиот буџетски совет да ни се исплаќаат до 30 проценти бидејќи вака само со исплаќање на минимални додатоци, не сме задоволни. Исто така, признавање на образованието и секако, наидовме на слух, истакна Јасмина Величкова, претседателка на синдикалната организација за судска служба.
Според Љуљзим Фаризи, потпретседател на независниот синдикат во Државниот инспекторат за труд, има проблем со укинувањето на Инспекцискиот совет и враќањето на инспекторатите во состав на министерствата – сѐ уште немаат добиено плата и не им е трансфериран работниот однос.
– Од советникот на премиерот имаме гаранции дека до утре ќе имаме одговор на тоа како побрзо да се решава статусот на вработените во инспекциските служби со цел да добиваме побрзо плата и да се трансформира работниот однос.Разговаравме и за измените на Законот за инспекциски надзор со цел додатокот на плата да го одржиме во висина од 30 отсто заради ризикот на инспекторите што се на терен, нагласи Фаризи.