Претседателот Пендаровски одликуваше шестмина македонисти


Претседателот Стево Пендаровски на свечена церемонија што се одржа во Музејот на македонската борба за самостојност ги одликуваше македонистите Златко Крамариќ, Зузана Тополињска, Јоуко Линдстет, Јежи Русек (постхумно), Кшиштоф Вроцлавски (постхумно) и Далибор Брозовиќ (постхумно) со Медал за заслуги за Република Македонија.

Оваа 2024-та е година на два големи јубилеи- 150 години од раѓањето на Крсте Петков Мисирков и 80 години од Првото заседание на АСНОМ и основањето на современата македонска држава.

„ Двете годишнини се суштински поврзани. Според германскиот македонист Волф Ошлис, современа Македонија е Мисиркова Македонија бидејќи е изградена врз неговите принципи запишани во книгата „За македонцките работи“, истакна претседателот и додаде: „Македонскиот јазик и македонската писменост имаат долг временски и просторен континуитет што започнува во мугрите на словенската писменост. Поради способноста да се адаптира кон промените, да еволуира и да се развива во бројни дијалекти, македонскиот јазик опстанал и во најнеповолни услови и прерасна во бесценет запис на нашата култура и трезор на нашиот идентитет. Македонскиот јазик одамна стана предмет на истражување на најпознатите странски слависти“.

Златко Крамариќ се одликува за неговиот непроценлив придонес за афирмацијата на македонскиот јазик и на македонската култура, за неговата амбасадорска дејност во поврзувањето на македонските и хрватските научни институции, како и во приближувањето на Република Македонија кон евроатлантските иницијативи.

Зузана Тополињска се одликува за непроценливиот придонес за афирмацијата на македонскиот јазик и на македонската култура, како една од најактивните македонисти чиишто научни трудови се поттик за голем број домашни и странски научници.

Јоуко Линдстет се одликува за неизмерниот придонес за македонскиот јазик и за македонската култура при што остави траен белег како еден од најистакнатите македонисти во скандинавските земји. Професорот Линдстет е искрен кога вели дека тој не ја избрал македонистиката, туку дека македонистиката го избрала него.

Јежи Русек постхумно се одликува за исклучителниот придонес во развојот и одржувањето на студиите по македонски јазик и литература на Универзитетот во Краков со што придонесе за афирмација на македонскиот јазик. Неговите научни трудови и конференции и денес претставуваат поттик за младите генерации на македонисти.

Кшиштоф Вроцлавски постхумно се одликува за непроценливите заслуги за македонистиката и за посветеното проучување и истражување на македонскиот фолклор и на македонската народна раскажувачка традиција.

Далибор Брозовиќ постхумно се одликува за исклучително значаен придонес во проучувањето и афирмацијата на македонскиот јазик и неговите дијалекти, со што ја задолжи македонската култура и македонската лингвистика ревносно промовирајќи ја на меѓународно ниво.