Претседателот на ССК, Ангелоски панелист на отворањето на Берлинскиот економски форум


Претседателот на Сојузот стопански комори (ССК) Трајан Ангелоски ќе биде панелист на отворањето на Берлинскиот економски форум (БЕФ) 2025 што ќе се одржува од 3-ти до 6 март. 

Како што информира СКК, тема на годинашниот БЕФ е „Меѓународен бизнис, одржливи инвестиции и еколошки проекти за унапредување на глобалниот развој, демократијата и мирот”.

Во рамки на Форумот ќе биде лансирана т.н. Берлинска иницијатива „За дипломатско решение на израелско-палестинскиот конфликт”.

-БЕФ има за цел да ги анализира и истражува националните економски политики и нивните апликации со посебен фокус на одржливиот бизнис, одговорните странски инвестиции и одржливоста на животната средина. Говорници ќе бидат водечки политичари, високи дипломати, академици и економисти, шефови на корпорации, претприемачи и новинари, наведува СКК.

Нагласува и дека Ангелоски ќе учествува на првата панел дискусија за Берлинската иницијатива заедно со поранешниот македонски претседател Ѓорѓе Иванов, како и со Иван Иванов, претседател на Одборот Меѓународен центар Алијанса на цивилизации.

-Визијата на БЕФ е да донесе интердисциплинарна група претставници од јавниот и приватниот сектор за да се иницираат и развијат програми и проекти кои ќе поддржат одржлив економски раст, демократија и мир, истакнува ССК.