Претседателот на Либија во посета на Атина, Дендиас утре на средба со Чавушоглу во Анкара


Грција– Претседателот на преодниот претседателски совет на Либија Мохамед Јунус ал-Менфи денеска е во посета на Атина и ќе оствари средби со грчката претседателка Катерина Сакеларопулу и грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, јави дописничката на МИА од Атина.

Ова е втора средба на ал-Менфи и Мицотакис во период од една седмица, по посета на грчкиот премиер на Триполи минатиот вторник.

Паралелно, иако беше најавена и закажана за денеска средбата на шефовите на грчката и турската дипломатија Никос Дендиас и Мевлут Чавушоглу во Анкара, сепак ќе се одржи утре.

Причината за презакажаното патување на Дендиас, веројатно е поради денешниот вонреден состанок на министрите за надворешни работи и одбрана на НАТО.