Претседателот на Хрватскиот сабор, Јандроковиќ во официјална посета на земјава

Претседателот на хрватскиот Сабор, Гордан Јандроковиќ денеска ќе престојува во официјална посета на земјава.
Јандроковиќ денеска ќе го посети македонското Собрание, каде ќе биде свечено пречекан со високи државни и воени почести.
Како што најавуваат од собраниската прес-служба, Јандроковиќ ќе има тет-а-тет средба со Африм Гаши, претседател на Собранието на Република Северна Македонија. По средбата со Гаши, предвидени се разговори на делегациите на двете земји заедно со двајцата претседатели на парламентите.
Според најавата од Собранието, Јандроковиќ ќе се потпише во Книгата на впечатоци и ќе следуваат изјави за медиумите на двајцата собраниски спикери.
Претседателот на хрватскиот сабор, Гордан Јандроковиќ ќе се обрати пред пратениците во рамки на денешната 37-та седница.
Тој ќе се сретне и со Благица Ласовска, претседателка на Пратеничката група на Собранието на Република Северна Македонија за соработка со парламентот на Република Хрватска и со членовите на групата.
Поради посетата на претседателот на Собранието на Република Хрватска Гордан Јандроковиќ, денеска и утре на поширокото централно подрачје на град Скопје ќе има посебен режим на сообраќај.
-СВР Скопје ги известува граѓаните на Скопје дека од 05.03.2025 до 07.03.2025 (среда, четврток и петок) поради официјална посета на претседателот на Собранието на Република Хрватска Гордан Јандроковиќ, Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот по сообраќајниците на поширокото централно подрачје на град Скопје, информираат од МВР.
СВР Скопје апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници.