Девет амбасадори ќе се враќаат дома: Сиљановска ги потпиша указите


Фото: Б. Грданоски

 

И формално заврши процедурата за отповикување на девет амбасадори кои беа именувани од претходниот претседател. За осуммина од нив МНР ја почна процедурата за нивно отповикување затоа што не поминаа низ Комисијата за надворешни работи на Собранието каде што треба да бидат на сослушување. Тогашниот претседател на Комисијата, Антонио Милошоскисо месеци не го ставаше на дневен ред бранењето на тезите на предложените амбасадори без никакво образложение.

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова вели дека ги потпишала указите за отповикување на амбасадорите од должноста, бидејќи „заминале на тие позиции без да ја исполнат законската обврска пред работното тело на Собранието“.

Осуммина од деветте отповикани не го направиле тоа. Една амбасадорка се отповикува во редовна постапка поради завршување на мандатот.

Отповикани се: Јакуп Реџепи, амбасадор во Босна и Херцеговина; Џенк Сејфула, амбасадор во Шведска; Методија Белевски, амбасадор во Белгија и Луксембург; Агнеза Руси-Поповска, амбасадор во Бугарија;

Емил Крстески, амбасадор во Чешка; Пајо Авировиќ шеф на Постојаната мисија при меѓународните организации во Виена; Зеќир Рамчиловиќ, амбасадор во Црна Гора; и Катерина Ставреска, амбасадор во Велика Британија.

Сиљановска-Давкова донесе указ за отповикување во редовна постапка на Светлана Гелева од амбасадор при Советот на Европа.

Во согласност со донесените укази, должноста на амбасадорите им престанува на 30 април 2025 година.