Претседателката на ССК, Данела Арсовска нов почесен конзул на Унгарија


Владата на седница одржана на 29 декември минатата година донесе одлука за отворање Почесен конзулат на Република Унгарија во Штип, а Данела Арсовска е нов почесен конзул. Владата го задолжи Министерството за надворешни работи да ја спроведе оваа одлука, која стапи во сила наредниот ден од денот на објавувањето во Службен весник односно од 30 декември 2020 година, информираат денеска од Сојузот на стопански комори (ССК).

Арсовска како претседател на Сојузот на стопански комори на Македонија, велат оттаму, активно работи на развој на македонската економија на национално и промоција на меѓународно ниво, како и на подобрување на надворешната трговска размена, со цел намалување на трговскиот дефицит и зголемување на економскиот раст.

Претседателката на ССК Арсовска пред една година стапи на највисоката позиција во раководството на World Chambers Federation, која раководи со стопанските комори од целиот свет, информација која одекна глобално со оглед на фактот што само четири жени во светот се носители на таа функција.