„Добро утро Битола“ – Габриела Илиевска ја објави кандидатурата за градоначалник

Со поздравот „Добро утро Битола!“ преку Фејсбук актуелната претседателка на Советот на Општина Битола, Габриела Илиевска, ја објави кандидатурата за градоначалник на Битола. Илиевска е дел од независната група „Поинаку“.
Илиевска објави и дека нема средства за кампања.
„Да ме поддржите за независен кандидат за градоначалник и да се приклучите кон фронт против 30 и кусур годишното запоставување на градот. Или сите заедно против партиското уништување на Битола или ќе му остајме да нѐ уништуваат.
Без уцени за работни места! Без уцени за тендери! Без уцени за директори! Без заплашувања, прв пат Битола ќе има шанса да одлучи кој ќе ја води во следните 4 години! Дали имам многу пари за кампања?
Немам ич! Дали имам пари за маркетинг?
Немам ич! Дали имам пари за набљудувачи и за плаќање по глас?
Немам ич! Ама имам храброст, знаење, интегритет, чесност и достоинственост да излезам против СИТЕ кои досега само ја крадеа БИТОЛА.
Време е Битола да биди независна“, објави Илиевска.
Илиевска пред 12 години влезе во Советот на Општина Битола како советник од ВМРО-НАРОДНА, потоа ја формира независната иницијатива „Поинаку“. На последните локални избори со поддршка на ВМРО-ДПМНЕ беше избрана за претседател на Советот, а потоа делуваше во неформална коалација со СДСМ.
Илиевска е првата жена независна кандидатка за градоначалничка на Битола.
Државната изборна комисија (ДИК) синоќа донесе Правилник за регулирање на постапка за собирање потписи за поддршка на кандидатски листи поднесени од група избирачи и за начинот на определување на нотарите за Локалните избори 2025 година. Со Правилникот се предвидува независните граѓански иницијатива да можат да учествуваат на изборите со собрани два потписа.
Независен кандидат ќе има и во градоначалничката трка во општина Куманово. Таму, Горан Стојковски, кој моментно работи во Секторот за урбанизам во општина Куманово, а два мандати беше директор на ЈП „Водовод“, соопшти дека планира да му го стави крајот на „хаосот во кој се наоѓа градот“. Тој заедно со носителот и дел од кандидатите за советници ја презентираше кандидатурата во име на граѓанската иницијатива „Ред за Куманово“. (А.Б.)