(Претпразничен) дух


ЛЕЈЛА САБИТ

Во духот на добрососедските односи и пријателство, расположени или нерасположени, ја очекуваме новата, надежна, поубава, со поголем стандард, добро здравје, во кругот на најблиските и во семејството на ЕУ- 2021 година!

Лошите искуства, спомени и одлуки, ги оставаме во старата 2020 и со позитивни мисли, расположение и со нови планови, очекувања и желби ќе ѝ посакаме добредојде на новата дама, дотерана и со стил, ама со народско срце и душа.

Духот е невидлив, ама е тука или ви се причинува, да ви помогне и кога е лошо да биде добро, и кога е грдо да биде убаво, и кога се чувствувате уморни, да ви даде енергија, и кога ви мислат лошо, да вратите само со добро, и кога не ви е до песна, да уживате барем малку во претпразничниот дух.

Духот ви помага да се опуштите, да не мислите на политика, лоша економска година, на ковид-депресијата и болката, туку на пријателите и на семејството, можеби на украсувањето на домовите, на китењето на елката и на купување на подароци.     

Духот е тука да ви исполни три желби, не мора да триете магични ламби, само ако силно посакате, ако верувате во Дедо мраз и ако се радувате на новогодишни пакетчиња како малите деца.

Па нели, за Нова година, малите сакаат да бидат големи и да легнат подоцна, големите да бидат мали и да се вратат во убавото, магично детство, постарите да бидат помлади, сиромашните богати, богатите хумани, гладните најадени, најадените да држат диета, дотераните опуштени, опуштените дотерани.

Ако се одлучите да побегнете од суровата реалност во планински амбиент, духот е тука да ве стопли како меко ќебе, да ви приготви топол чај, греано вино или да ве загрее со жесток пијалок, да ве послужи со домашни колачи со ѓумбир и цимет и да ви раскаже топла приказна за добра ноќ.

Ако се чувствувате осамени, да ве гушне силно, да ве облече во божикно џемперче, да ви ги соблече чевлите со високи потпетици, да ви облече термо чорапи, да ве седне во удобна фотелја и да ви пушти филм со божикна тема.

Ако одлучите да бидете во семејна атмосфера-ништо не е случајно. Тоа духот ве части со најубав новогодишен подарок, најблиските да се соберат околу маса, да си споделите муабети и празнично расположение.

Една е Нова година, а 1 јануари е нов ден, како што вели Вивиен Ли во „Однесено со виорот“. Да не се повтори 2020!