Претече рекетот


ФРОСИНА ФАКОВА-СЕРАФИНОВИЌ

Катица Јанева, обвинителката која требаше да го расчисти криминалот на претходната власт, влезе во замката на криминалот на актуелната власт и заврши во затвор. Сега „бескомпромисната“ борба со големите ѕверки ја води обвинителката Вилма Русковска која го водеше случајот со „крвавиот упад“ во Собранието, стана шефица на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција и ја отвори аферата „Рекет“.

Пролетта кога наголемо се шушкаше за рекетирањето на Боки 13 во чија телевизија редовни гости беа актуелните функционери, поголемиот дел од јавноста беше убедена дека сѐ ќе остане на озборувања. Но, Обвинителството во мај ги уапси Боки и Кичеец и почна истрага во која главна улога има осомничениот бизнисмен од СЈО, Орце Камчев. По неколку месеци Обвинителството го заврши едниот дел од истрагата, но само со тројца осомничени, без ниту еден вмешан политичар од актуелната власт, иако најмалку двајца беа во Обвинителството за да дадат исказ. И додека се чека Русковска да поднесе обвинение, случајот за кој сите апелираат да се расчисти до крај, продолжува да се компромитира.

Откако целата јавност виде што кажал Камчев во Обвинителството и слушна дел од доказите на Обвинителството кои беа објавени дури во Италија, сега исказот на Кичеец, кој Русковска не го дава, за да го видат осомничените, се нуди на продажба. Човекот што наводно го нуди на продажба исказот на Кичеец можеби и го нема, но со самото тоа што со месеци не се знае од каде „протекол“ исказот на Камчев, се засилува впечатокот дека со истрагата се води политичка битка, а не битка за казнување на криминалот. Обвинителството тврди дека исказот на Камчев не протекол откај нив, судот не води ни внатрешна истрага, иако копија од записникот се предава и таму. И на крајот никој не е виновен, а истрагата што треба да биде тајна се води јавно.

Кога беше отворена истрагата, немаше телевизија на која обвинителката Русковска не даде интервју, а сега ја нема во јавноста со образложение дека води тајна истрага. Ја нема да излезе во јавноста за да објасни како дозволила да протекуваат записници од истрагата која направи политички земјотрес и конечно дали оваа држава има функционални институции кои изградиле механизми со кои ќе можат засекогаш да ја зачуваат својата независност. Истите тие институции треба да им служат на граѓаните и да откријат кој се расфрла со нивните пари, а не да бидат во служба на политичарите, кои битката ја водат преку нив. Како и да е, аферата мора да резултира со обвинение и потоа да биде закажано судење. Боки 13 на јавната седница во Апелација рече дека живее за да ја каже вистината за случајот „Рекет“, а Катица Јанева во својата последна изјава на новинарите, кои имаа безброј прашања за неа, им рече „има време, ќе се гледаме, ќе има судење“.

И со овие изјави како да испраќаат порака дека јавноста не ја знае целата вистина за овој случај. Ако Јанева и Боки 13 одлучат да се спогодат со Обвинителството, јавноста никогаш нема да ги види доказите што ги има Обвинителството и нема да ја слушнат нивната вистина. Кичеец своето го кажа во Обвинителството и со оглед на тоа што неговиот исказ е таен и тој е веќе во куќен притвор, можеби неговиот исказ ќе биде главен доказ во истрагата на Русковска. Но ако има судски процес, може ќе се разјаснат некои прашања кои останаа неодговорени. Зошто власта му даваше толкава поддршка на Боки 13 и на неговата организација Меѓународен сојуз, но и кај завршиле 1,5 милион евра кои му ги дал Камчев на Боки. И на крајот, на кого му требаше цела оваа игра со рекетот, која ја полни опозицијата со аргументи и им остава простор на вмровците, кои повеќе од десет години пустошеа, да бидат амнестирани заедно со нивните бизнисмени?