Преспанскиот договор: Трите меморандуми и Андонис Самарас

Владата на Мицотакис нема адекватно објаснување зошто четири години не ги става на гласање трите меморандуми што се обврска според Преспанскиот договор. Клучот е во јастребите што ги предводи Андонис Самарас


Андонис Самарас

 

Еден неизговорен збор и многу бура во регионот. Бурите обично ги прават зборовите што се кажуваат, но сега се случи сосема спротивното.

Откако Гордана Силјановска-Давкова одбегна да ја каже придавката Северна кога поднесуваше заклетва, па во Македонија повторно се распламти „гордоста“, а во Грција внатрешните демони во владејачката Нова демократија кои се викаат „Андонис Самарас“.

Од Атина стигнуваат предупредувањата за последици доколку се прекршува Преспанскиот договор, но во исто време фокусот се сврте и врз одбивањето на мнозинството во парламентот пет години да го одложува усвојувањето на трите меморандуми, што беше обврска на грчката влада со Преспа. Тие меморандуми оставени во една од најдолните фиоки сега повторно се најдоа на масата на премиерот Киријакос Мицотакис.

Грчките медиуми пишуваат дека трите меморандуми за соработка се однесуваат на прашањата за чување на воздушните граници на Македонија, поддршка на нејзиниот европски пат и прашања за економската соработка. Според првичните распореди. Според распоредот од Договорот, меморандумите требаше да се гласаат уште во 2020 година. Но уште одамна грчките владини претставници рекоа дека меѓународните конвенции за кои станува збор ќе се најдат на дневен ред во време што ќе го избере владата. Оттогаш нивната судбина е непозната.

Во анализата на настаните грчкиот медиум „Њуз24/7“ вели дека владата досега не објаснила адекватно кои се причините зошто не ја промовирала ратификацијата на меморандумите. И покрај тоа што во сите изјави се изјасни дека (и покрај нејзините несогласувања во 2019 година) сега е за строго спроведување на Договорот од Преспа.

Сепак, причината за одолговлекувањето на владата може да се најде само во јасното вето кое јастребот во Нова демократија и човекот кој беше најсилен против името на Македонија уште пред 30 години, Андонис Самарас, го постави од самиот почеток. Поранешниот премиер уште од 2020 година јасно стави до знаење дека нема да гласа за меморандумите, несогласувајќи се со Договорот од Преспа во целина. Во грчката политичка јавност нема доволно показатели колку пратеници би поддржале неговиот став во случај меморандумите да дојдат во парламентот на усвојување. Поради оваа причина, Алексис Ципрас уште во 2021 година изјави дека во случај договорите да дојдат на ратификација во парламентот, тој ќе побара поименично гласање гласање.

Владиниот претставник Павлос Маринакис вчера се обиде да го оправда владиниот однос со фразата „нема да брзаме, ние не брзавме“. Иако задоцнувањето е најмалку четири години. Тој ги доведе во прашање и сугестиите на опозицијата за да се изгласаат меморандумите.

Во опозициската Сириза, чиј поранешен лидер, Алексис Ципрас, го склучи Преспанскиот договор, бараат начин како да ги достават трите референдуми до парламентот како иницијатива на официјалната опозиција. Но вакво нешто не е возможно врз основа на деловникот на парламентот, па затоа немаше такви обиди во минатотот. Сепак, претставникот за печат на партијата изјави дека „Сириза ќе преземе иницијативи и во блиска иднина ќе ги донесеме трите протоколи за соработка со Северна Македонија на ратификација во парламентот“. Истото го бара и партијата Нова левица, која се формираше лани во декември од пратениците што ја напуштија Сириза и кои сега во парламентот настапуваат како независни.

Во грчката јавност овие два дена посебно се споменуваат два настани: прво, телефонскиот разговор меѓу Ципрас и Зоран Заев (тие двајцата го склучија Преспанскиот договор) во кој било нагласено „колку е лицемерен и опасен националистичкиот популизам што се разви и на двете страни“.

И второ, признанието на поранешната министерка за надворешни работи, Дора Бакојани, сестра на премиерот Мицотакис, која во денеска изутрина, говорејќи за телевизијата СКАИ рече: „Меморандумите мора да се гласаат. Можевме да го направиме тоа порано“. И нагласи: „Реалноста се одмаздува. Тоа го доживеавме со сите оние кои би кинеле меморандуми. Кога ќе се формира влада во Скопје реалноста ќе им падне на нивните глави и ќе сфатат дека сѐ што кажаа пред избори е само свеж воздух, па може да се случат две работи: едната е да продолжат со тоа и тогаш европската перспектива ќе биде… фуј. Реакциите ќе бидат колосални. Таа држава не ќе може да го издржи тоа“.

Како и да е, реакциите се огромни, особено во Грција. Како понатаму ќе се развиваат работите останува да се види. (Н.В.)