Преспа Институт: Расте политичкото присуство на Бугарија во Македонија

Институтот Преспа објави истражување за меѓународното присуство во Македонија лани  и споредено со 2009 и 2010 година, што е прво од овој тип и го покажува влијанието на нашата надворешна политика и местото на нашата држава во геополитиката.

Истражувањето го  оценува економското, политичкото и т.н. меко присуство, мерено врз основа на нивото на дипломатските односи, странските мисии, посети, воена и билатерална соработка, трговија, инвестиции, помош, културно, медиумско, туристичко, технолошко и друго присуство. Мерењето опфаќа 24 држави, од САД, преку ЕУ и соседството до Кина. Притоа истражувањето открива дека присуството на Турција во Македонија е стабилно без оглед на случувањата во таа држава, дека САД се враќаат на врвот, а сериозно јакне и присуството на Бугарија.

Листата на најприсутните десет држави покажува дека  Македонија е во геополитичка смисла атрактивна држава. Притоа, видлива е доминацијата на земјите членки на ЕУ, а самата Унија е перцепирана како најголем пријател на земјата од една петина од граѓаните. Значајно е и присуството на соседите, бидејќи три од пет соседни земји се најдоа на листата на десет најприсутни земји во Македонија – Србија, Бугарија и Албанија.

Генерално, западните сили  имаат доминантно присуство во земјата, а од  десетте најприсутни  само три не се членки на ЕУ (Турција, Србија и Албанија),  една не е членка на НАТО, четири не се меѓу 50-те најдемократски држави, а една од нив, Турција, е на граница со автократија. Две од политички најприсутните држави,пак, се членки и на Советот за безбедност (САД и Обединетото Кралство).

Присуството на Русија и на Кина, според истражувањето е далеку под нивото на другите глобални меѓународни играчи, при што втората држава се наоѓа дури на 15 место на индексот на присуство.

Економски истражувањето покажува најголемо присуство на Германија, а потоа на САД и Турција. Во најприсутните пет се и Обединетото Кралство и Италија. Но, ако се види табелата со најприсутните десет држави се гледа дека економските врски се најсилни со соседите бидејќи дури три од нив се на листата (Бугарија, Србија и Грција). Исто така развиените западни демократии се главни економски партнери и инвеститори во Македонија,  а надвор од нив Турција е нашиот најсериозен економски партнер.

Политички, лани било најголемо присуството на Бугарија, а зад неа на Турција и Словенија. Првата петорка ја заокружуваат САД и Германија,  а на листата на десетте најприсутни  за првпат се појавува Русија, а отпаѓа Обединетото Кралство. Проценката е дека бугарското присуство е толку високо рангирано поради Договорот за соработка и пријателство  и нејзиното претседателствување со ЕУ.