Преселбата во Словенија ја смени мојата литература: Интервју со Лидија Димковска, автор

Реалноста е многу широк поим и непресушен извор, но не може само да се црпи од него бидејќи ќе не преплави, а во литературата е најважно да се преточи, филтрира, и водата да се претвори во писмо, вели во интервју за „Независен“, истакнатата македонска потеса, раскажувач и преведувач


Секоја приказна и секој стих на Лидија Димковска (1971) се микросвет сам по себе, во себе кријат цел еден универзум. Во кој и да стапнете, невозможно е да се изгубите. Може само да копнеете по уште. Затоа, ова лето, промоцијата на нејзинот нов роман „Единствен матичен број“  (издание на „ТРИ“), во центарот на Скопје, предизвика внимание, и се бараше место повеќе. Книжевната фела со своето присуство ѝ оддаде почит, романот го промовираа Виолета Танчева-Златева и Гоце Смилевски, а гостите меѓу себе се надмудруваа дали Лидија пишува подобра поезија или проза. 

Авторката, родена Скопјанка, дипломец на Општа и компаративна книжевност, со богата биографија зад себе, домашни и регионални награди, во интервју за „Независен“ , открива  зошто и овој нејзин нов роман ни носи освестувачка приказна за нашиот свет што заборавивме да го сакаме, дали има светло на крајот на тунелот во нејзиното творештво и  како Словенија ја прифатила како творец и тамошната писателска фела.

Зошто новиот, четврти роман е насловен „Единствен матичен број“? 

„Постоиш ако имаш Единствен матичен број“ – во романот оваа идентитетска одредница од административно и социјално ниво се проширува и на емоционално и егзистенцијално. Дали постоењето е еднозначно или повеќезначно, што е тоа што го одредува животот, но и смртта на Никос Аврам, дојденец во Македонија од Кипар по инвазијата летото 1974 година, зошто сака „да фати пустелија“, и не само тој, туку и општеството како такво? Дали молкот е посилна од внатрешниот крик? И како што забележа една моја читателка: „Кога човек посакува пустелија да фати, таму го губи и единствениот матичен број“. Насловот ми се чини дека ги синтетизира прашањата што романот ги отвора, а меѓу нив и колку може да се отуѓи човек и од себеси, не само од другите.

Новиот роман е прва соработка со издавачкиот центар „ТРИ“. Како дојде до соработката и што ќе значи за твоето идно творештво?

ТРИ е шеста по ред издавачка куќа со која соработувам, започнувајќи во деведесеттите со Македонска книга, Култура, па Блесок, Магор, Темплум и цела деценија со Или-Или. Сметам дека е убаво да се почувствува свежа енергија, особено кога се објавува нов роман и се радувам на соработката со издавачкиот центар ТРИ во кој почувствував дека владее професионалност, срдечност и грижа за книгите што ги објавува.

Важите за авторка што не ги затвора очите пред реалноста. Над 25 години живеете и творите во Словенија, но чест сте гостин во родното Скопје и на фестивалите низ Македонија. Како ја доживувате реалноста во родната земја, а како во новата земја? Дали тоа се рефлектира и на вашето пишување и избор на темите?

„Моите први читатели и читателки се македонските и ми значи кога се пронаоѓаат во она што го пишувам, можеби затоа што пишувам на теми што ги засегаат и нив – македонската и глобалната реалност, дамарите на човечката душа, човекот во и наспроти светот, себеси, другиот, идентитетот како конструкт и(ли) суштина итн. Реалноста е многу широк поим и непресушен извор, но не може само да се црпи од него бидејќи ќе не преплави, а во литературата е најважно да се преточи, филтрира, и водата да се претвори во писмо. Нанадвор, реалноста може да биде различна од една до друга средина и зависи од многу фактори – економски, политички, социјални, културни, но внатре, реалноста на човечката душа е иста, и меѓу тие два пола се обидувам да раскажам нечија приказна, приказна на некоја личност во некој простор и во некое време.

Вашите романи и песни се „песимистички“, со „внатрешни борби“ на ликовите, трагање по „утопијата на идентитетот преку дистопијата на животот“…Има ли светло на крајот на тунелот во вашето творештво?

„Светло секогаш има, но дали некој ќе го види зависи од очите на оној што гледа, односно чита. Светлото е знаење, поука, размисла, себеиспрашување, а токму тоа ми го пишуваат читателите и читателките и на „ЕМБ“ – дека ги поттикнал да размислат за нивниот личен живот, визија, став, да размислат за отуѓеноста, пустелијата наспроти блискоста и заедницата. Во литературата отсекогаш ме привлекувале тешките теми, табу-темите, внатрешните борби на ликовите, длабењето и во психата и во духот – и на човекот и на времето и на просторот, еден вид хомохронотоп на животот.   

Направивте метеорски успех во 90-тите со вашата поезија во Македонија. Како се случи „мостот“ до прозата, и зошто не останавте во Македонија, туку ја избравте Словенија за свој нов дом?

„Ми се чини дека Словенија ме избра мене, односно дека се во животот се случува со некаква цел, промисла и причина. Пред Словенија, живеев седум години во Романија. Отсекогаш ме привлекуваше она што е зад вратата, зад седумте планини, отаде границата. Космополитизмот беше посилен од седентаризмот, новото беше поинтересно од старото, непознатото поинспиративно од познатото. Во таа спрега од околности, одлуки, средби, настани, љубов и живот, мојот нов дом стана Љубљана. Но зарем човек кој се преселил некаде има само еден дом? Мене преселбата ми отвори многу прашања, ми ја рашири перспективата и ја смени мојата литература, па во таа смисла и прозата си најде место во моето писмо. Поезијата и прозата се вените и артериите на моето книжевно битие.

Како Словенија ве прифати како творец и тамошната писателска фела? Точни ли се кажувањата дека се студен народ кој не се дружи многу со странците? Што прифативте од нивниот менталитет, а со кој македонски менталитет им влијаевте?

За словенечката книжевност би било најдобро кога би пишувала на словенечки јазик, па не би имала тешкотии како да ме третира и каде да ги смести моите дела кои редовно се преведуваат и објавуваат на словенечки јазик. Веќе 22 години се надминува себеси во својот однос кон моето творештво  – те сум македонско-словенечка, те сум македонска, те сум словенечка писателка. Мислам дека успеав да се интегрирам во словенечката книжевност пишувајќи на македонски, како и уште неколкумина писатели-дојденци од разни краишта на светот, што е преседан, но и знак дека словенечката култура и книжевност се отвораат и за оние кои не пишуваат на словенечки јазик. Па и време е, во 21-от век, век на номадизам, преселби и флуентни идентитети,  многу повеќе би требало да зборуваме за трансанционална и светска, одошто за национална книжевност. Мојата истражувачка и научна работа е поврзана токму со положбата и поетиката на имигрантските и малцинските автори во Словенија.  Што се однесува до словенечкиот менталитет сметам дека не може да се генерализира, секој човек е претставник на самиот себе, студен или топол. Многумина од Словенците што ги познавам се љубезни, добри, солидарни и со особен однос кон природата, културата, еколошката свест и праведноста.  

Не верувам во национален менталитет, за мене секој човек си има свој менталитет односно карактер. Човек може да влијае на човек, на група, и нему исто така може да му влијае друг човек или група луѓе, но не верувам во општо колективно влијание.

Многу е необично дека се уште творите на македонски јазик. Дали имате напишано нешто и на словенечки или на романски јазик, откако докториравте на тема на романска книжевност на Филолошкиот факултет во Букурешт?

„ За мене тоа е  сосема нормално и далеку од необично. Поезија и проза пишувам исклучиво на македонски јазик, а студии, есеи и друг вид текстови и на словенечки, романски, англиски…Јазикот на писмото, поетско и прозно, е повеќе од средство за комуникација, повеќе од лингвистичка алатка. Кога пишувам, пишувам со концентратот на минатото, сегашноста, а и на иднината, реална или имагинарна, со сеќавањата и заборавот, со личната и колективната меморија, со умот и заумот, за мене процесот на пишување како внатрешна потреба ги има најдобрите услови за пишување и е во хармонија со себеси исклучиво на македонски јазик.

На кои македонски автори им се восхитувате, а со кои се дружите?

„ Долг би бил списокот на автори и авторки чии дела ги почитувам и сакам, и од мртвите класици и од сегашните постари или помлади генерации. Се восхитувам пред се од нивните дела, и тоа за мене е најважно иако жалам што со некои од авторите и авторките чии дела ги сакам, не сме и современици. Со современиците ми е особено важен дијалогот, размената на мислења, взаемното читање, поддршката и помошта што можеме да си ги пружиме и како автор(к)и и како луѓе. Моите престои во Македонија ми овозможуваат да ги среќавам моите современици и да го следам нивното творештво, а со некои, како што се Гоце Смилевски и Виолета Танчева Златева и поинтензивно да се дружам.

Вие сте една од ретките млади автори кои ја добија Европската награда за литература во 2013 година со романот „Резервен живот“. Дали ви се отворија некои врати кои ги очекувавте?

„Кога ја добив наградата на Европската книжевност во 2013 година некои врати веќе беа отворени, а други се отворија, не само за романот „Резервен живот“ туку и за останатите мои книги. Сепак, мислам дека во исто толкава мера вратите на мојата книжевност ги отворија и преведувачите, па дури и повеќе од наградите. А преведувачи имаме толку малку што треба многу повеќе да се грижиме за нив и да ги почитуваме.

Водевте работилница за креативно пишување на проза, во соработка со Europe House. Какво искуство беше за тебе работата со младите луѓе?

„Обожавам да работам со млади, уште од времето кога како лектор предавав македонски јазик, книжевност и култура на Универзитетот во Букурешт, Романија, подоцна и на Универзитетот во Нова Горица во Словенија кадешто предавав Светска книжевност, и на сите креативни работилници што досега имав можност да ги водам и во Словенија и во Македонија. Соработката со Europe House беше одлична иако работилниците по сила на околностите ги водев онлајн. Запознав прекрасни и мошне талентирани млади луѓе кои напишаа текстови што ме воодушевија, поставуваа важни прашања и даваа одговори што отвораа нови перспективи, а од нивните битија бликаше верба во пишаниот збор. Работилниците за креативно пишување се пред се работилници за креативно читање од кое и најдобро се стекнуваат знаења за пишувањето. Мислам дека јас научив повеќе од нив одошто тие од мене.

Наспроти политичките случувања во земјата, како ја оценувате денес македонската проза и поезија?

„Во корпусот на македонската книжевност, како и во секоја друга, има и извонредни, и не толку добри, а има и лоши книги. За жал ретко која книга поминува низ сериозни критички сита, тоа е голем проблем со кој се соочува македонската книга. Исто така, книгите неретко се објавуваат без уредничка работа, небаре сите автори и авторки се генијални, па не им е потребно добронамерно укажување, а на некои дури ни лектура. Но добро е што македонската книжевност се чита повеќе од порано, барем според заклучоците на издавачите. Постојат автори и авторки кои отвораат нови теми и нивните дела се очекуваат со возбуда, но сметам дека треба да направиме повеќе и за нашите класици, не само церемонијално, на годишнините од нивното раѓање или смрт, туку суштински, со нови исчитувања, пристапи, интерпретации на нивните дела и преводи во странство. Исто така, сметам дека треба да ги рехабилитираме и подзаборавените автори и авторки, и секако, конечно да ги интегрираме малцинските и сите оние изоставени автор(к)и чии дела за жал и срам, не ги познаваме само затоа што не творат на македонски јазик. Дури тогаш сликата за македонската книжевност ќе стане покомплетна за критички и поетолошки заклучоци. Лично ја сакам онаа книжевност која се занимава со реалноста во поширока смисла, преобликувајќи ја во уметност. Такви книги македонската книжевност има, и мислам дека ќе има се повеќе.   

Што планирате во иднина?

„ Не можам со прецизност да кажам, но и во иднина се надевам дека ќе посакаат преку моето битие да се родат нови песни, нови прозни книги, можеби некоја и за деца, или некоја драма. Премалку, премногу? Животот ќе покаже.