Премрзнати биле близначињата што починаа во Прилепско


Близначињата новороденчиња, братче и сестриче, што починаа вчера во Прилепско биле премрзнати, се вели во соопштението од прилепската Oпшта болница со проширена дејност „Борка Талески“.

Според нив, вчера во 10.45 часот на Одделот за детски болести било донесено женското новороденче, кое како резултат на премрзнување, било во тешка здравствена состојба.

Откако било примено, се додава во соопштението, веднаш била преземена интензивна медицинска интервенција. Бебето било реанимирано и интубирано, поставено во топли ќебиња, а и дополнително се затоплувало. Но, и покрај тоа, додаваат од болницата, состојбата на бебето продолжила да се влошува, а во 13 часот била констатирана смртта.

За машкото новороденче, од прилепската болница велат дека од истите причини – премрзнување, било починато во домот на семејството.

Близначињата, како недоносени, биле родени спонтано на 30 декември 2024 година, во 34-та гестациска недела. Првото новороденче, машко, било со родилна тежина од 1.970 грама, а второто, женско, со тежина од 1.780 грама.

Новороденчињата биле испишани од болницата на 10 јануари на барање и со потпис на мајката.

Мајката била родена во 2001 година и ова било нејзина четврта бременост.

Претходно денеска јавниот обвинител Стевчо Биноски од Основното јавно обвинителство Прилеп, рече дека наредил обдукција за новороденчињата кои кога починале биле во тешка здравствена состојба.