Премиерот Заев ќе учествува на Самитот за Западен Балкан во Софија


Премиерот Зоран Заев утре ќе престојува во Софија, каде ќе учествува на Самитот за Западен Балкан, што се организира во рамки на Берлинскиот процес со кој копретседаваат Северна Македонија и Бугарија, потврдија за МИА од Владата.

На Самитот ќе учествуваат лидерите на земјите од Западниот Балкан, шефови на држави или влади на членките на ЕУ, меѓу кои и бугарскиот премиер Бојко Борисов и германската канцеларка Ангела Меркел, како иницијатор на Берлинскиот процес, високиот претставник за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел и еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји.

Предвидено е земјите од Западен Балкан на Самитот да усвојат Акциски план за Заеднички регионален пазар.