Премиерот тврди дека не се меша во истрагата за Кочани

Премиерот Христијан Мицкоски денеска ги отфрли обвинувањата на опозицијата за селективна истрага за трагедијата во Кочани и рече дека воопшто не се меша во работата на обвинителството. Исто како и министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, тој рече дека „ќе има и такви политички структури кои на лешинарски начин ќе се обидат на трагедијата на овие луѓе да соберат некакви политички поени“.
„Јас не се мешам во истрагата ниту, пак, сум се јавил или сум комуницирал со некој од Обвинителството. Не сакам да излезе дека премиерот врши притисоци. Брифиран сум од министерот за внатрешни работи за случувањата. Ова е прв приоритет за мене како премиер. Апелирам до сите политички чинители да ги остават Обвинителството и правосудните органи да си ја вршат работата“, рече Мицкоски денеска во Штип.
Тој изјави дека континуирано е запознаен и ја следи состојбата со родителите на трагично починатите, но и на повредените и дека планира во наредниот период да се сретне со родителите.
„Членови од мојот кабинет на неделна основа разговараат со родителите на починатите и повредените од пожарот. Планирам во следниот период да се сретнам со нив и да поразговарам. Сепак, ние на дневна основа решаваме проблеми поврзани со случувањата во Кочани“, рече тој.
Неколкумина од повредените од пожарот во во Кочани, кои беа на лекување во Анкара, Турција, пред два-три дена на пат кон дома доживеале непријатна ситуација на аеродромот во Истанбул.
За да се надмине проблемот, премиерот Христијан Мицкоски разговарал со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, со цел да се овозможи нивно непречено враќање во земјата, по што работата се средила и тие пристигнаа во Скопје.