Премиерот го прошири барањето кон Софија: Освен заедничка резолуција да се спроведат и пресудите од Стразбур

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека заедничка резолуција со Бугарија во Европскиот парламент, во која ќе се потврди посебноста на македонскиот идентитет и македонскиот јазик, би било пример двете држави да покажат што значи добри соседи и меѓусебна поддршка.
Тој не одговори дали од официјална Софија има одговор на неговиот предлог за заедничка резолуција, но посочи дека тоа што го предложил е „одговор на темата што ја отворил бугарскиот претседател Румен Радев“ и неговата изјава дека единствен услов бил само промена на Уставот и вклучување на македонски граѓани кои се изјаснуваат како припадници на бугарската заедница.
„Затоа јас реков – во ред, ако е само тој услов, еве, пред да дојдеме до тој услов да го исполниме, заеднички, преку бугарските европратеници да предложиме резолуција со којашто заедно, како соседи, ќе го потврдиме македонскиот посебен идентитет, македонскиот посебен јазик. А потоа, во знак на добра волја, бугарската држава да ги примени пресудите од Стразбур, кои се однесуваат на човековите права што им се ускратени на Македонците во Бугарија, да ја регистрира ОМО Илинден ‘Пирин’, за да може оваа организација да предложи свој претставник во Министерскиот совет за заштита на малцинските права во Бугарија. Ние нашата обврска, тие нивната обврска“, изјави Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања при посетата на Тетово.
Според премиерот, тоа е начинот „да покажеме што значи добри соседи и што значи да се поддржуваме“.