Премиера на претставата „Парови“ во Драмски театар Скопје
Премиера на претставата „Парови“ ќе се одржи утре на 18 мај во 20 часот на сцената „Ристо Стефановски“ во Драмски театар Скопје.
На прес конференцијата за претставата говореше режисерката Ивана Ангеловска, авторката Ана Ристоска-Трпеноска и и дел од актерската екипа.
Улогите ги играат актерите на Драмски театар Скопје: Ирена Ристиќ, Игор Ангелов, Игор Стојчевски, Димитрија Доксевски, Јасмина Василева, Стефан Вујисиќ, Ивана Павлаковиќ, Ања Митиќ, Лазар Христов и Нина Елзесер.
Директорката на Драмски театар Скопје Викторија Рангелова Петровска на прес конференцијата направи осврт на традицијата на Драмски во поддршката на текстови на македонските автори со што Драмски се издвојува и го држи приматот на национална куќа која дава најискрена поддршка со поставување на претставите на домашните автори.
Авторката Ана Ристоска-Трпеноска во драмскиот текст промислува на современ јазик и го поставува прашањето:
„Постои ли вистински успешна врска, совршен брак или партнерите се стремат да постигнат невозможен концепт, нешто што е конструкт на општеството?
Животот во заедница е различен од онаа идеализирана љубов што партнерите очекуваат дека треба да се случи и да трае, и од сликата за заедница која доминира во дигиталниот свет.
Со „Парови“ сакав да напишам драма за партнери заглавени во трагикомичното секојдневие на заедничкиот живот. Мене секогаш повеќе ме интересира да го прикажам тоа што не се гледа, да пишувам за осаменоста и за проблемите со кои партнерите се соочуваат, но ги чуваат меѓу четири ѕида.
Борба за доминација, его, токсични машко-женски односи, партнери на кои им е поважен професионалниот успех и социјалниот статус, партнери што посакуваат никогаш да не се сретнеле, се изневеруваат, бракови што станале рутина, партнери кои имаат различни очекувања, доживуваат разочарувања и се комични во нивната немоќ.
Драмата „Парови“ прикажува неколку парови партнери во различни ситуации и фази од нивните животи. Сите нив ги поврзува потребата за љубов и немоќта да ги променат работите“.