Преговорите во лер по трансферот на предметите


Иако и од власта и од опозицијата најавуваат дека се подготвени да продолжат да преговараат за законот за обвинителство, нема најава за средба меѓу двата преговарачки тима. Трансферот на предметите од специјалното во обичното обвинителство, ја исклучи потребата од итно решавање на проблемот, но и натаму е исклучително важно да се најде решение за законот од кој може да зависи и почетокот на преговорите за членство во Европската Унија.

Премиерот Зоран Заев и викендов повтори дека предметите на СЈО мора да имаат иднина и тоа, како што рече, е црвената линија што не смее да се помине во преговорите со опозицијата. За власта, потенцира претседателот на Владата, е прифатлив предлогот новото обвинителство да го води обвинител предложен од опозицијата, кој потоа ќе го избере парламентарното мнозинство, а ќе го верификува Советот на јавни обвинители.

Тоа мора да биде некој ‘тешкаш’, да биде издржан. Предлогот Никола Груевски, Владимир Панчевски, Јован Илиевски или Марко Зврлевски, секако, не може да помине. Иднината на предметите се причината. Јас и власта се бориме да биде загарантирана нивната иднина од трансферот, по заокружувањето на СЈО, тие предмети мора да имаат иднина, а Мицкоски и неговиот тим бараат предметите да бидат амнестирани, да се заташкаат, да се уништат“, подвлече Заев.

Во ВМРО-ДПМНЕ одговараат дека станува збор за трик-предлог на Заев и посочуваат оти тој се обидува да го саботира процесот.

Следниве денови тимот на ВМРО-ДПМНЕ ќе даде писмени забелешки на последниот изменет владин предлог-закон за обвинителство. Честото менување на позициите од страна на владата, прифаќањето на одредени концепти, па ретерирањето по нив, ни создава чувство дека тактиката на премиерот Заев е купување на време, за што подолго да ја задржи доминацијата врз главните обвинители, особено по откривањето на аферата ‘Рекет’. Како и да е, трик-предлозите дека опозицијата декларативно номинира некој битен обвинител, а всушност владата да го има механизмот да го саботира и да одбере свој подобен кадар, не се од голема корист во преговарачкиот процес за законот“, ни изјави пратеникот Антонио Милошоски, кој е дел од преговарачкиот тим на опозицијата.

Аферата „Рекет“ секојдневно е тема на препукување меѓу двете најголеми политички партии во земјава. Претседателот на СДСМ истакнува дека никој не треба да се плаши од истрагата, а секој што е инволвиран – ќе одговара. Тој рече дека граѓаните ги чекаат одговорите, а важно е и да видиме каде завршиле парите од рекетот. Владејачката партија ги обвини политичките соперници дека со недели вршат сериозен притисок врз судството и обвинителството, им кажува што и како да прават, најавува контрола врз нив и најавува документи од истраги со што ја загрозува истрагата за случајот.

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, вчера прашаа кој изнесува податоци од УБК и дали познат бизнисмен бил уценуван со компромитирачки снимки со малолетнички.

Зоран Заев, со неправна гимнастика, се обидува политички да влијае врз правото во државава. На дело се случува рушење на правната држава и правниот систем, со цел Зоран Заев да создаде нова Катица на местото на Катица Јанева и на тој начин да продолжи политичкиот прогон, монтираните случаи против политичките неистомисленици, рекетирањето и Луј Витон правосудството. Надлежноста на СЈО беше дефинирана со специјален закон и предметите кои тоа ги водеше, а кои произлегоа од нелегално прислушуваните материјали. Второ, не постои одредба во законот со која може предметите да му се пренесуваат туку така на Јавното обвинителство, уште помалку кога носителот на претходните надлежности, специјалната обвинителка е во притвор“, реагираат од најголемата опозициска партија.

Министерката за правда Рената Дескоска упати нов апел до опозицијата да се најде компромис за законот за обвинителство. Во пресрет на одлуката за датум за преговори, Дескоска апелираше државните интереси да бидат ставени пред партиските:

Трансферот на предмети кој се случува им ги помати сметките на оние што посакуваа после 15 септември да нема специјален јавен обвинител, да нема некој што ќе ги заврши предметите, да постои институција со заглавени, незавршени предмети уште една година. Тој план направи штета, но пропадна. Сега е веќе извесно дека предметите на СЈО ќе имаат завршница со нивното пренесување во републичкото јавно обвинителство. Целосно се тргна и можноста за какво било негативно влијание од мислењето на Врховниот суд. Можеби носењето на законот веќе не е нужно заради продолжување на предметите на СЈО, но потребен е заради исполнување на обврските од Стратегијата за реформа во правосудниот сектор“, порача министерката за правда.

И од ВМРО-ДПМНЕ велат дека е нужно да се донесе законот за обвинителство, но затоа што, според нив, во моментов не функционира правната држава, а евентуално решение ќе помогне да профункционира правдата.

Горан Адамовски

Фото: Борис Грданоски