Преговорите со Македонија се врвен приоритет за Германија, изјави Олаф Шолц

Германскиот канцелар доби силна поддршка од холандскиот премиер Марк Руте за интеграцијата на Западен Балкан за време на нивната средба во четвртокот вечерта


 

Германија ја направи интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ главен приоритет за владата бидејќи нивниот пристап е геополитички важен за ЕУ, рече во четвртокот вечерта (19 мај) германскиот канцелар Олаф Шолц.

Откако започна руската агресивна војна во Украина, германската влада ги интензивираше напорите да ја забрза интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ.

„Успешната интеграција во ЕУ на нашите партнери од Западен Балкан е во сопствен интерес на Европската Унија“, изјави германскиот канцелар Олаф Шолц за време на прес-конференцијата заедно со неговиот холандски колега Марк Руте во Хаг.

„Затоа е на врвот на политичката агенда на германската влада“, рече Шолц, додавајќи дека интеграцијата на Западен Балкан ќе биде „прашање за кредибилитетот и геостратешката рационалност на Европската унија“.

Шолц веќе се осврна на важноста на Балканот во геополитичката борба со Русија за време на неговото обраќање претходно истиот ден.

Интеграцијата на Западен Балкан е од „стратешки интерес“ за ЕУ, бидејќи прашањето е „за нашата сопствена безбедност, која не може да се постигне без стабилен европски Западен Балкан“, рече тој во четвртокот пред Бундестагот.

На прес-конференцијата со холандскиот премиер, Шолц особено се осврна на пристапувањето на Северна Македонија и Албанија.

„Мислам дека пристапните преговори со Албанија и Северна Македонија, кои беа ветени пред две години, сега треба да започнат“, рече Шолц.

Додека двете земји се официјални кандидати за членство во ЕУ, преговорите се закочени поради ветото на Бугарија, која е во судир со Северна Македонија поради историски и културни причини.

Шолц истакна дека ЕУ сега мора да даде резултати во однос на Западен Балкан и дека е посветен на отстранување на последните пречки во ЕУ.

Германската државна министерка за Европа и клима, Ана Лирман, во понеделникот отпатува за Бугарија каде со својот бугарски колега, меѓу другото, разговарала и за интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ.

Пред самитот ЕУ-Западен Балкан во јуни, Шолц планира самиот да го посети Западен Балкан за да лобира за неговите идеи.

Германските амбиции за повторно започнување и забрзување на пристапниот процес на Западен Балкан се силно поддржани и од Холандија.

„Сите заедно се обидуваме во Европската унија да направиме сѐ што е во наша моќ за да обезбедиме Западен Балкан да остане стабилен и да најдеме решение за проблемите што постојат таму, особено во однос на Северна Македонија и Бугарија“, изјави холандскиот премиер Руте. .

„Ова е можно само ако Германија навистина преземе водечка улога овде“, нагласи Руте, додавајќи дека ја поздравува германската иницијатива. (Еурактив)